Андоновски: Да измислувате министри со вештачка интелегенција повеќе е маркетинг отколку вистинска реалност

-Одговорно тврдам дека одлуките треба да ги носат луѓе, дали нешто е добро, правилно и законито, кажа Андоновски, додавајќи дека користењето на вештачката интелегенција мора да биде системско затоа што ние немаме голем јазичен модел на македонски јазик

од Nikola Popovski
9 прегледи

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари работна посета на Филозофскиот факултет во Скопје, каде заедно со деканот Оливер Бакрески ја потврдија досегашната успешна соработка преку потпишување Меморандум за соработка и ја претставија новата бесплатна интернет зона наменета за студентите.

Министерот доби новинарско прашање дека веќе се воведува виртуелна асистентка на Универзитетот „Мајка Тереза“, а во Албанија беше поставена и прва министерка за вештачка интелегенција, па оттаму каква порака се испраќа со промоцијата на новата„ Wi-fi“ зона. Според него, многу покорисно за студентите е да имаат бесплатен интернет.

-Да инсталирате чат-бот кој што влече определени информации е содржајна работа и ја поздравувам. Да измислувате министри со вештачка интелегенција сметам дека повеќе е маркетинг отколку што е вистинска реалност. Одговорно тврдам дека одлуките треба да ги носат луѓе, дали нешто е добро, правилно и законито, кажа Андоновски, додавајќи дека користењето на вештачката интелегенција мора да биде системско затоа што ние немаме голем јазичен модел на македонски јазик.

-Ако го прашате било кој чат-бот или асистент кој што ќе повлече информации од некоја светска платформа, може да добиете погрешна информација на македонски јазик. Истото се случува и на албански и затоа е важно, прво да се изгради моделот, а потоа користењето во било кои услови, ние на пример, ќе го промовираме на порталот „data.gov.mk“. Прашање на денови е, кажа министерот.