Управата за јавни приходи информира дека повратот на средства од мерката „МојДДВ“ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат ниту откажан. Иако ветуваат дека парите ќе бидат исплатени, сепак, не кажувааат одреден рок до кога би се случило.
-Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка на истите. Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок, велат од УЈП.
Исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.
УЈП апелира до граѓаните – доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да направат ажурирање на податоците во системот.
-Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници. Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата кои им следуваат од МојДДВ ќе бидат исплатени, потенцираат од УЈП.
Исплатата на поврат на Данок на додадена вредност за граѓаните преку апликацијата „МојДДВ“ за третиот квартал (јули-септември) од 2025 година е одложена. Иако законскиот рок за исплата е до 30 ноември, значителен дел од корисниците не ги добија своите средства до 28 ноември, што предизвика реакции во јавноста. Досега се исплатени 552 милиони денари, а уште 370 милиони денари се подготвени за исплата.
Ова е првпат откако системот „МојДДВ“ беше воведен во 2019 година, да дојде до вакво доцнење во исплатата на средствата. Во минатото, повратот на ДДВ за претходното тримесечје обично се вршеше многу порано, најдоцна до 10-ти или 15-ти во месецот по завршувањето на кварталот, иако законскиот рок е 60 дена.