Понекогаш, најопасните идеи се оние што се претставуваат како „безбедни“. Во нашиве улици, во овој пробен декемвриски период, проектот „Безбеден град“ ни ветува ред, дисциплина и цивилизираност, но засега ни носи само колективна нервоза и возачи што возат со очи вперени во километражата, наместо во патот пред себе.
Секој ден стигнуваат истите шокови по СМС: „Го надминавте ограничувањето од 50 км/ч. Вие сте регистрирани со 52 км/чч“. Или 53. Или 54. Еднаш дури и 51. Возачите се фаќаат за глава – па не заради казните (во тек е пробен период), туку заради пораката што овој систем ја испраќа: дека државата нема ни ронка толеранција.
Да бидеме реални: секој што некогаш возел знае дека разликата меѓу 50 и 52 км на час е микроскопска. Зависи од нагорнина, од состојба на патот, од тоа дали ви светнало зелено на семафор… Дури и самите автомобили имаат фабричка грешка од 2-3 километри. Ама камерата – таа е секогаш „во право“. И го демне секој возач како да е криминалец, не како обичен човек што се обидува да стигне на работа.
Ова не е сообраќајна култура. Ова е замка со фино испеглано име.
Проблемот со „Безбеден град“ не е во идејата да се намали бројот на несреќи, тоа сите го сакаме. Проблемот е што проектот се претвора во психолошка тортура што ќе ги тера возачите да гледаат повеќе во километражата отколку во патот. А ако нешто создава несреќи, тоа е токму оваа неприродна напнатост. Возачот што постојано се спушта под 50, па се качува на 48, па на 47, па се плаши да не му „скокне“ на 51 – тој не е безбеден. Тој е опасен. И за себе и за сите околу него.
Сообраќајот не функционира на стерилни лабораториски броеви. Градот е жив организам: пешаци прескокнуваат улици, велосипедисти се вовлекуваат меѓу колони, автобуси тргнуваат нагло, мотоциклисти се провлекуваат низ паралелни вселенски димензии. Во таков хаос, наместо да гледате што се случува пред вас, вие гледате дали сте на 49 или 50. А тоа е рецепт за сообраќајка.
Иронијата е што проект што се вика „Безбеден град“ ќе создаде небезбеден град. Не затоа што идејата е погрешна, туку затоа што примената ѝ е без чувство за реалност. Без мерење на ризик, без простор за толеранција, без минимален здрав разум. Нема држава на светов што казнува 2 км/ч разлика – освен ако не сака да полни буџет и да произведува нервозни возачи.
Граѓаните веќе почнаа да возат поиспаничено, неприродно, со чувство дека некој им дише во врат. Ова не е дисциплина, ова е класична параноја.
Некој таму горе мора да сфати дека сообраќајниот систем не е математичка равенка. Туку реален, непредвидлив и човечки процес. А човечкото секогаш има варијации.
Во спротивно, ќе продолжат СМС-пораките, ќе продолжи паниката, ќе продолжат возачите да „кочат“ кога нема потреба, ќе продолжат да зјапаат во бројки наместо во пешаци.
А градот? Ќе остане сè – само не безбеден.
Локален херој