Имам два сина и ВМРО-ДПМНЕ ми е како трето дете, рече Мицкоски

Мицкоски ќе биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ уште четири години и тоа ќе биде негов последен мандат

од Nikola Popovski
5 прегледи

На конгресот во Кавадарци ќе бидат донесени неколку стратешки документи, со коишто ќе треба да ја моделираме иднината на партијата и нормално како најголема политичка партија во државата, тоа секако ќе има и ефект врз работењето на Владата, вели премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вчерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на МТВ.

Мицкоски истакна дека ова е негов трет мандат, потсетувајќи се дека официјално ја презел партијата во една тешка и сложена состојба, но дека успеал да ја консолидира партијата и да издвојува убедлива победа на парламентарните, претседателските и локалните избори.

Покрај одлуката за партиското лидерство, Мицкоски исто така потврди дека нема да се кандидира за претседател на државата на изборите во 2029 година. Тој изјави дека нема таква амбиција и го исклучува тоа сценарио од неговиот политички ангажман во иднина.

„Имам два сина, мене ми е ВМРО-ДПМНЕ буквално како трето дете. Но, да, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добијам поддршката од делегатите. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, рече, меѓу другото, премиерот во гостувањето.