Обвинет за пожарот во „Пулс“ фатен со 13 мобилни и еден лаптоп во затвор, се брани дека „уредите ги затекнал таму“

На денешното рочиште се очекува обвинетите да се изјаснат дали се чувствуваат виновни или не во врска со делата кои им се ставаат на товар

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Во судницата во „Идризово“ ново рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“. Откако судот одлучи да се спојат постапките за два предмета, на обвинителна клупа се 35 физички и три правни лица. До нив и до адвокатите е доставено изменетото обвинение, па треба да се изјаснат дали чувствуваат вина, а одбраната да ги даде воведните зборови. На последното рочиште во воведните зборови, обвинителот Борче Јанев, „Пулс“ го спореди со „Буре барут“.

Уште пред да започне денешната главна расправа, судијката Дијана Груевска Илиевска го соочи обвинетиот Џеваир Камбери со сериозен прекршок направен за време на неговиот престој во притвор. 13 мобилни телефони и лаптоп биле пронајдени во ќелијата на Камбери, по што судијката го опомени дека следува самица доколку се повтори ваквото дело.

Обвинетиот се бранел дека „уредите ги затекнал кога влегол во ќелијата односно дека не биле негови“.

Обвинетиот службеник во Министерството за економија, Камбери, во 2019 директно побарал и добил 200 евра од газдата на „Пулс“, Дејан Јованов-„Деко“ на неговата банкарска сметка без да биде спроведена законска постапка за добивање лиценца за угостителска дејност.

На денешното рочиште се очекува обвинетите да се изјаснат дали се чувствуваат виновни или не во врска со делата кои им се ставаат на товар. Пред почетокот на денешното рочиште судијката информираше дека биле поднесени нови полномоштва за оштетени лица.

Меѓу обвинетите се сопственикот на дискотеката, поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и службеници. Во пожарот настрадаа 63 лица, а над 200-те беа повредени.