„Почитуван поранешен претседател на Македонија, она што го говорите на едно ваше интервју за наводно про-руско или про-српско влијание во државата во изминатите 7 години, да ве потсетиме дека тој период на власт беа СДС и ДУИ“ – вака од ВМРО-ДПМНЕ преку сооопштение му порачаа на екс-претседателот Стево Пендаровски за скорешни неговите изјави за хибридните операции што ја погодуваат земјата.
Од тие изминати 7 години, ВМРО-ДПМНЕ го потсетува Пендаровски „дека вие бевте претседател на државата, период во кој вие велите дека е зголемено истото тоа влијание во државата“.
-Прашуваме, дали Пендаровски, заедно со СДС и ДУИ, имаат создадено или овозможено про-руско влијание во државата? Дали Пендаровски и власта на СДС и ДУИ, лицемерно говореа и ја поддржуваа Украина, додека од друга страна создавале терен за други влијанија во државата? Како ВМРО-ДПМНЕ апсолутно ја поддржуваме Украина и ја осудуваме Руската инвазија врз Украина, а тоа се потврдува и со зголемениот Буџет оваа година за помош на Украина, стои во партиското соопштение.
Во интервју за ЦИВИЛ, Пендаровски порачува дека „Македонија е одамна прокси-држава на рускиот свет односно не е само транзиторна држава или држава реципиент на пропаганда и хибридни закани“ и дека „тоа се одвива минимум во последните 7-8 години“.