Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ја поддржува примената на системот „Безбеден град“ и поддржува негово проширување низ целата територија.
-Некои велат дека тоа ќе донесе критики за Владата и силен политички удар, а јас велам подготвени сме да го издржиме тој политички удар, само да спасиме некој човечки живот. Затоа што само изминативе недела-две, во строгиот центар на Скопје имавме три жртви поради неприлагодена брзина и непочитување на сообраќајните правила. Разговарав со министерот за внатрешни работи и кажав дека сме подготвени да ги истрпиме сите критики. Слушам некои поранешни пратеници од претходното владеачко мнозинство СДСМ и ДУИ дека го критикуваат ова – возеле 52,53,55 км на час, па добивале опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени бидејќи си има правила што значи прилагодена и неприлагодена брзина. И ако еден човечки живот успееме да спасиме, јас сум подготвен да го прифатам целиот товар на себе и да ја понесам политичката одговорност, кажа премиерот на поставување на камен темелник на градинка во Ѓорче Петров.
Мицкоски ги повтори бројките кои покажаа дека во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2800 и нерегистриран автомобил 1000.