Тошковски: Ќе се казнуваат и функционери со „Сејф сити“, исклучок ќе бидат возила на МВР и Брзата помош во одредени ситуации

-Според моите информации, шофери на тројца министри се веќе казнети во рамки на регуларната работа на МВР која што не е поврзана со Сејф Сити“, соопшти Тошковски

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/МВР

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вели дека проектот „Безбеден град“ (Сејф сити) е системски и револуционерен. Според него, тимови од МВР и Министерството за транспорт работат на ревидирање на сите постоечки патишта на кои што ќе се лоцираат безбедносните камери. Вели дека овој тест-период е одлична можност за граѓаните да се запознаат со тоа што треба да се имплементира.

Тошковски соопшти дека нема да има исклучок ниту за возилата на функционерите ниту за возилата со странските таблички. Информира дека нема да бидат казнети возила на Брза помош кога возат во одредени ситуации и возила на МВР во рамки на оперативна акција, доколку возат надвор од пропишани правила, но, ќе се има јасно утврдени процедури.

-Ниту еден функционер во рамки на редовно вршење на неговите работни задачи нема да биде изземен од системот. Според моите информации, шофери на тројца министри се веќе казнети во рамки на регуларната работа на МВР која што не е поврзана со „Безбеден град“. Нема да има селективен пристап, кажа денеска првиот полицаец.

Тошковски рече дека за 24 часа од пуштањето во пробна употреба на системот се детектирани 110.000 прекршоци само на територијата на Град Скопје. Според Тошковски, најголем дел од нив биле поради прекорачување на брзината.

Министерот истакна дека доколку некој вози со 51,52 километри на час, а е дозволено 50, е прекршок, а не кривично дело.