Адвокатката на газдата на дискотеката „Пулс“ кажа дека нејзиниот клиент не е монструм, ниту виновен за трагедијата во која загинаа 63 лица. Таа порача дека Дејан Јованов е обичен човек во нејзините очи.
-Тој е како секој еден од нас тука кому, за жал, му падна на товар институционалната неодговорност. Не сме свесни колку уште други локали функционираат, без надзор од институциите. Немаше ни да знаеме колку се доколку ја немавме намерноста ангажираните музички артисти (групата ДНК) кои биле ангажирани за критичната вечер во локалот, рече адвокатката на денешното рочиште.
Од одбраната на Јованов велат дека нивниот клиент не сакал да се случи трагедијата во Кочани, како и секој човек на светов. Веруваат во непристраноста на судот, но велат дека се одлучува во „испреплетен настан во најнебулозно издание на обвинение“.
Претходно, сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина. Првообвинетиот Јованов кратко изјави: „Не се чувствувам виновен за кривичното дело кое ми се става на товар“.
Адвокатката додаде дека пиротехниката била незаконито пријавена и незаконито прибавена, без дозвола. Притоа, кажа дека пиротехниката не била пријавена ниту кај газдата Јованов во локалот од страна на групата ДНК.
-Сите знаеме дека оваа музичка група и во други настапи во претходните години, сами си носеле и активирале пиротехнички средства. Тоа е нешто што одбраната го поткрепи со доказ од полициска станица за друг одржан музички настап. Сите ние израснавме со нивната музика и ден денес ги сакаме и точно е дека беа најголемите хуманитарци на музичката сцена, но, сепак не го побива фактот дека нивната употреба на пиротехника не била регуларна и спротивна на законот. Ова можеше да се случи било каде и на било кое место, додаде адвокатката во својот говор од судницата во КПУ „Идризово“.