Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на земјава, Тимчо Муцунски, и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес во Брисел се сретнаа со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, соопшти Министерството за надворешни работи во Скопјe.
Средбата е во рамките на нивната работна посета на Брисел „и во контекст на континуираната посветеност на земјата кон процесот на европска интеграција и заедничките напори за продлабочување на партнерството со ЕУ во областа на безбедноста и одбраната“.
Муцунски и Муртезани ја потврдија посветеноста кон реформите, кон европската агенда и кон развојот на соработката со ЕУ во областа на безбедноста и одбраната, како и усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, поддршката за Украина и важноста на регионалното поврзување и стратешките инфраструктурни проекти, вклучително и Коридорот 8.
Двајцата ја истакнаа важноста на предвидлива, фер и опиплива европска перспектива за целиот регион, нагласувајќи дека забрзаното и фер темпо на процесот ќе придонесе за зајакнување на довербата во проширувањето, демократската одржливост и безбедноста на регионот и Европа, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.