Синот на газдата на „Пулс“ посетувал психолози и психијатри за да ги отфрли самоубиствените мисли

-Таму Михаил ја загуби својата девојка со која биле во врска 10 години и со која планираше да гради иднина и семејство. Таму го изгуби својот најдобар пријател што го доведе до тешка психолошка состојба, кажа адвокатката на Михаил Јованов

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Михаил Јованов, еден од обвинетите за трагедијата во Кочани и син на газдата на „Пулс“, Дејан Јованов, имал влошена здравствена и психичка состојба. Според неговата адвокатка, Михаил на кобната вечер на 16-ти март годинава, се здобил со изгореници од трет степен и тешко нарушување на дишните патишта.

-Таму Михаил ја загуби својата девојка со која биле во врска 10 години и со која планираше да гради иднина и семејство. Таму го изгуби својот најдобар пријател што го доведе до тешка психолошка состојба. После овој настан, Михаил континуирано работеше со психолози и психијатри со цел да ги потисни и суицидните мисли кои де факто дополнително го оптоварија со предметното неосновано обвинување и непрекинатата јавно осуденост, рече адвокатката на денешното рочиште од најголемиот судски процес во историјата на Македонија.

Одбраната на Михаил порача дека не постои доказ дека тој учествувал на било каков начин во работата на дискотеката. Адвокатката изјави дека Михаил никогаш формално-правно не фигурирал ниту како сопственик, ниту како управител на обвинетото правно лице, ниту бил овластен да презема активности.

-Ќе дојдеме до сознанија дека во периодот од 2017 до 2021, Михаил Јованов бил редовен студент на УКИМ во Скопје, каде што и престојувал. Потоа од 13.01.2021 до 16.03.2025 година, обвинетиот отворил сопствена фирма за дистрибуција каде што фигурира и како сопственик и управител, рече адвокатката на синот на газдата на „Пулс“. Одбраната велат дека имаат сведоци со кои ќе дојдат до одговорите.

Претходно сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина и дека сочувствуваат со болката на семејствата на загинатите.