Левица на средба со Баздникин: „Огромен дел од населението во Македонија не се согласува со санкциите и јавното демонизирање на Русија“

-На средбата била истакната неопходноста од повторно воспоставување нормални односи помеѓу двете земји, кои во моментов се сведени на минимум, како резултат на несуверената надворешна политика на македонските власти, соопштија од партијата на Димитар Апасиев

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Левица

Денеска во Собранието на Република Македонија, претседателот на Левица, Димитар Апасиев и потпретседателот на партијата, Реџеп Исмаил – Хактан, оствариле средба со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Сергеј Баздникин. Средбата се одржала по повод заминување на амбасадорот од Македонија поради завршување на неговата дипломатска служба во Скопје.

И покрај сложените политички околности и сеприсутната русофобија во јавниот дискурст во земјава, Левица ја истакнала својата благодарност и задоволство од соработката со амбасадорот Баздникин за време на неговата дипломатска служба во Македонија.

-На средбата била истакната неопходноста од повторно воспоставување нормални односи помеѓу двете земји, кои во моментов се сведени на минимум, како резултат на несуверената надворешна политика на македонските власти, водена од туѓи интереси и штетни влијанија кои доаѓаат од колективниот Запад.

Постојаните државни антируски политики поврзани со санкциите и јавното демонизирање на сè што е поврзано со Руската Федерација, од кое не е изземена ниту руската култура, не се во согласност со ставовите и желбите на огромен дел од населението во Република Македонија. Укинувањето на политички наметнатите ограничувања што го попречуваат економскиот, енергетскиот и културниот развој на земјата, преку билатерална соработка со Руската Федерација, е неопходно за афирмацијата на заедничките интереси, историските врски и заемното почитување, информираа од Левица.

Од партијата велат дека средбата поминала во срдечна и пријателска атмосфера, со заедничка заложба за надминување на сегашните пречки и повторно воспоставување на пријателски односи меѓу Македонија и Русија.