Скопските угостителски објекти ќе имаат посебни контејнери, избран е и посебен советник за угостители

Ѓорѓиевски информира дека се договориле секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање на отпад, како и термин за собирање кој ќе важи единствено за нив

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека остварил средба со скопските угостители, на која произлегле важни чекори за подобрување на нивната работа и на севкупниот урбан амбиент во градот.

„Во таа насока, договоривме секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање на отпад, како и термин за собирање кој ќе важи единствено за правните субјекти. Ова ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање.

Како што веќе беше усогласено на претходните средби, за советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и кабинетот е избран Драган Арсовски, човек со долгогодишно искуство, а избран по предлог на сите чинители во овој сектор“, појасни Ѓорѓиевски.

Градоначалникот вели дека се договориле и до 15 јануари да се достават елаборатите за користење на урбаната опрема која досега во изминатите години не се наплаќала, со што конечно ќе се стави крај на хаосот и ќе се воспостави јасен ред.

„Ова се клучни моменти кога сите заедно се ставаме во служба на граѓаните – одговорно, посветено и со јасна цел.  Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но го враќаме и редот. Нашиот град заслужува да биде полн со енергија, младост и креативност, а тоа е можно само со силна поддршка и вистинско партнерство со угостителскиот сектор“, соопшти Ѓорѓиевски.