Куновска за превирањата во СДСМ: „Венко никогаш и немал на памет идеја дека е дојден за да победува СДСМ“

„Цената за овие туѓи бели дворови ќе ја плати не само СДСМ туку и ВМРО-ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија“, смета поранешната пратеничка, Софија Куновска

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Телма

Поранешната пратеничка и поранешен член на СДСМ, Софија Куновска ја коментираше најновата ситуација во партијата и оставките на членовите на раководството. Куновска поставува низа прашања, упатени кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„Дали СДСМ драматично тоне под негово водство? Дали сета кадровска политика и за органите во партијата и за кандидатите за градоначалници и советници ја водеше сам, во консултација со Муртино? Дали сите политики, изборот на тим и фирма за кампања го обликуваше сам, пишуваше резолуции без согласност на органите на СДСМ и координација со пратеничката група, се нудеше за широка коалиција, што јавно, што скриено, постојано се туркаше во прегратките на Мицковски? Исход, сите дома, тој останува“, оценува Куновска.

Според неа, ако уште ова помине кај „интелектуалците“ и членството во СДСМ, „нека се подготват партијата да се задолжува и натаму додека не се “потроши” и зградата, а во меѓувреме сите да бидат средство во функција на личните интереси на неколку криминални ликови, чии дела што им демнат со затворски казни над глава треба да застарат“.

Куновска тврди дека, како што вели, „Венко никогаш и немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ“.

-Но едно нека остане запаметено, а тоа е дека цената за овие „туѓи бели дворови“ ќе ја плати не само СДСМ туку и ВМРО—ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија, објасни поранешната пратеничка.