Ванковска со низа прашања за „Безбеден град“: Кога МВР распишало тендер и од каде е набавен софтверот?

„Ако со вакво темпо секое седнување на волан нѐ чини 10, 20 или повеќе евра, сакам да знам на што ќе се трошат тие буџетски средства. Во Германија добивате писмена информација колку проценти од казната отишле на изградба на патна инфраструктура, на социјални цели, детски градинки, локална самоуправа или централна власт, итн“, вели проф. Ванковска

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Слободен печат

Професорката и поранешна кандидатка за претседателка на државата, Билјана Ванковска потсетува дека сите зборуваат за ефектите од проектот „Безбеден град“, но, додава дека никој не го поставил важното прашање – од кого е набавен софтверот и инфраструктурата за системот?

-Ова е значајно од повеќе аспекти, меѓу кои и финансиските аспекти, трошоци и добивки, но и упадот во приватноста и личните податоци. Во многу држави постојат основани сомнежи за јавни-приватни партнерства, бизниси, кршење на човековите права под претекст безбедност во сообраќајот. Ние ја имавме аферата со Драги Рашковски наречена Софтвери, но ја заборавивме. Ќе ценам ако некој ме потсети или информира кога МВР на Тошковски распишало тендер, кој го добил, кој соработува со МВР во однос на софтверот, неговото одржување и сл.? Дали станува збор за странски компании или домашни? Кој гарантира тајност на личните податоци, прашува Ванковска.

Според професорката, друга работа е што со ова се создава „каучук норма“ од страна на министерство, па со закон утврдени брзини сега ќе се релативизираат со +/- 10%.

-Се разбира, ако со вакво темпо секое седнување на волан нѐ чини 10, 20 или повеќе евра, сакам да знам на што ќе се трошат тие буџетски средства. Во Германија добивате писмена информација колку проценти од казната отишле на изградба на патна инфраструктура, на социјални цели, детски градинки, локална самоуправа или централна власт, итн.

Само гласно размислувам и барам одговори за важни прашања. Несомнено дека сакаме ред и поредок, казнивост за сите прекршоци и потешки дела – но со почитување на транспарентноста кон граѓаните и владеење на правото. И конечно, ако влегуваме во овој проект ефективно тогаш треба сите граѓани да се еднакви пред Законот : и тие од Охрид и тие од Гевгелија, Паланка, Кичево, итн. За сите да почне да важи од ист момент, на цела територија на државата, наместо тренирање строгоќа само врз скопјани или кумановчани и во рати на другите, стои во објавата на професорката.