Општина Центар започна со имплементација на паметен систем за следење на бучавата, преку поставување на дигитални индикативни уреди на местата со најмногу поплаки од граѓаните – околу угостителски објекти, високо фреквентни улици и јавни простори. Новиот систем овозможува континуирано мерење на бучавата во реално време и алармирање секогаш кога ќе се надмине дозволеното ниво.
„Во програмата јасно ветивме дека ќе воспоставиме смарт систем за мерење на бучавата. На терен веќе е започнато поставување на мерните единици на 30 локации низ Општина Центар. Овие сензори континуирано ќе ја следат бучавата и ќе алармираат секогаш кога ќе биде над дозволеното ниво. Со ова прецизно ги мапираме најгорливите точки, а истовремено ќе обезбедиме материјал на нашите инспекциски служби за постапување”, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
До овој момент поставени се 19 уреди на повеќе точки во Дебар Маало, на улиците Орце Николов, Мирослав Крлежа и Отон Жупанчиќ, како и на локациите Боемска 1 и Боемска 2. До крајот на годината ќе бидат поставени дополнителни уреди на улицата Ленинова, во населбите Капиштец и Буњаковец, потоа на Кеј 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на локацијата Кале. Со ова ќе се прошири мрежата и ќе се покријат уште повеќе критични зони погодени од прекумерна бучава.
Ова е само почетна фаза на големиот проект кој ќе продолжи со дополнително поставување мерни уреди и унапредување на системот за следење на децибелите. Проектот се базира на современ софтвер кој обезбедува точни податоци и реално следење на состојбата, со крајна цел намалување на бучавата и подобрување на квалитетот на живеење.
Општина Центар ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за следните активности и да применува современи решенија за трајно справување со проблемот на прекумерна бучава во урбаната средина.