Партијата на Филипче го нарече премиерот „Мали Вучко“ и го прашува дали „бега“ од своите бизнис-партнери

-Дали поради случувањата во Србија, Мицкоски или така наречниот Мали Вучко бега од своите бизнис партнери, прашуваат од СДСМ за отсуството на премиерот од Македонско-српскиот бизнис форум

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

СДСМ се сомнева во причините за отсуството на премиерот Христијан Мицкоски од денешниот Македонско-српски бизнис форум. Од партијата велат дека најавата дека премиерот од здравствени причини го има откажано учеството, отвора едно прашање.

-Дали поради случувањата во Србија, Мицкоски или така наречниот Мали Вучко бега од своите бизнис партнери?

Во исто време, денеска беше потпишан и некаков меморандум за соработка со Србија а не се соопшти конкретно за што се однесува. Дали можеби е меморандум за неиспорачување?

Во последно време се случува една коинциденција на слошувања, и во Србија и во Македонија. Ова се прашањата на кои Мицкоски треба да одговори, велат од најголемата опозициска партија.

Премиерот Христијан Мицкоски поради здравствени причини нема да присуствува и нема да се обрати на денешниот македонско-српски бизнис форум што ќе се одржи во хотелот „Александар палас“ во Скопје, информираше Владината прес-служба утрово.

И покрај отсуството на премиерот, беше соопштено дека форумот ќе собере над 200 компании и најмалку 300 учесници од двете земји, со цел продлабочување и интензивирање на економската соработка.