Николовски ќе тужи членови на ВМРО-ДПМНЕ: „Тенденцијата е моето име да се валка со измислици и лажни тврдења“

„Наместо да ја согледаат реалната состојба и да преземат конкретни чекори по моите укажувања за проблемите со ИПАРД, неисплатените субвенции и тешката состојба во земјоделството, ВМРО-ДПМНЕ одговори со лажни пријави и клевети пласирани преку прес-конференции“, порача пратеникот Николовски

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Фејсбук

Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник од СДСМ, Љупчо Николовски најави тужби кон членови од ВМРО-ДПМНЕ за, како што вели, неразумните обвинувања и тенденцијата неговото име да се валка со измислици и лажни тврдења.

„Наместо да ја согледаат реалната состојба и да преземат конкретни чекори по моите укажувања за проблемите со ИПАРД, неисплатените субвенции и тешката состојба во земјоделството, ВМРО-ДПМНЕ одговори со лажни пријави и клевети пласирани преку прес-конференции.

Доколку своето време и енергија ги насочеа кон изнаоѓање решенија во интерес на лозарите, тутунопроизводителите, оризопроизводителите, овоштарите, градинарите и сточарите наместо кон обиди за замолчување на опозициски пратеник, денес резултатите во земјоделството ќе беа далеку поочигледни. Ваквите притисоци само потсетуваат на еден поранешен режим кој неславно заврши, наместо на институции посветени на вистинскиот развој на земјоделството.

Со оглед на неразумните обвинувања и тенденцијата моето име да се валка со измислици и лажни тврдења, единствениот логичен чекор е да преземам соодветни правни мерки. На тој начин, пред надлежните судски органи одредени поединци ќе добијат можност да ја докажат основаноста на лажните пријави и клеветничките прес-конференции“, стои во објавата на Николовски.

Од најголемата владеачка партија продолжија со обвинувањата кон екс-министерот за земјоделство, преку прес-конференции. ВМРО-ДПМНЕ вчера ја постави дилемата дали Зоран Заев и Љупчо Николовски склучувале договори „во четири очи“ за местење на тендери, истакна Валентин Манасиевски од Централниот комитет на партијата.

– Кога се зборува за корупција, првите асоцијации се СДСМ, Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски. Власта на Заев, Филипче и  Николовски, според јавноста, важи за една од најкорумпираните во историјата на земјата. Николовски, кој бил министер за земјоделство и вицепремиер за борба против корупцијата, наместо да ја спречува, според Манасиевски, активно ја создал и ја поддржувал корупцијата.

Манасиевски посочи дека сомнежите се засилуваат по отписот на 2.000 тони жито од државните резерви во вредност од околу 800.000 евра, кое според него било подарок од Заев и Филипче за Николовски. Следната година, Николовски возвратил со европски грант од ИПАРД во вредност од 1,4 милиони евра за фирмата „Тргопродукт“ на Заеви, попозната по брендот „Мамас“. Тој грант бил втор најголем во историјата на ИПАРД програмата, што, според Манасиевски, дополнително буди сомнежи.

СДСМ вчера соопшти дека ќе ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се запознае со, како што велат, малверзациите што ВМРО-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата. Партијата соопшти дека не сака државата да остане без финансиска поддршка поради злоупотребите на партијата на власт.

-Немаме доверба во нашите институции, прво затоа што врз нив секојдневно се врши притисок од страна на Мицкоски, а второ и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон, рекоа, меѓу другото, од партијата од „Бихаќка“.