Димитровски негира вина за трагедијата во Кочани – „Не може општината да издава лиценци“

„Го разбирам ставот на обичниот граѓанин дека градоначалникот треба да биде одговорен за се во градот, но во Македонија не е така“, рече екс-градоначалникот на Кочани кој е еден од обвинетите за пожарот во „Пулс“

од Nikola Popovski
13 прегледи

Екс-градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, кој е еден од обвинетите за трагедијата во дискотеката „Пулс“, вели дека пред 13 години бил единствениот во земјава кој барал утврдување на минимално-технички услови уште пред почетокот на работата на објектот. Смета дека не е во ред и дека е неправедно, дел од сограѓаните на Кочани да го гледаат со презир и да го гледаат дека има придонес во трагедијата.

Според него, оваа конструкција од обвинение е на негова штета, неговото семејство и на оние што засекогаш ќе тагуваат.

-Каква правда може да се добие, ако се изостави барем еден човек кој има вина, а не е обвинет? Не постојат заменски обвинети, кажа Димитровски на денешното рочиште во судницата во „Идризово“. Додава дека Општина Кочани испратила допис со барање за неиздавање на лиценца на објектот, бидејќи не е во надлежност на општината.

-Немавме одговор. Причина – немање ингеренции за мешање во државна власт. Го разбирам ставот на обичниот граѓанин дека градоначалникот треба да биде одговорен за се во градот, но во Македонија не е така. Целокупната постапка за издавање лиценци се води пред ДПИ и МВР. Зошто државата не се откаже од тие привилегии и не се откаже од дел од својата власт? Зошто постапката за издавање лиценци, со закон не е пропишана да се води пред општината, а лиценцата да ја потпишува градоначалникот, праша екс-градоначалникот, додавајќи дека нема вина за пожарот.