Воздухот во Скопје повторно отровен, од градската администрација препорачуваат да не се користат гуми за затоплување на домовите

Скопје синоќа повторно се најде на врвот на светските листи по загаденост на воздухот

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Локално

Град Скопје известува дека Секторот за заштита на животната средина како надлежен сектор во врска со предлагањето мерки и активности за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, согласно со акционите планови за воздух а во пресрет на зимската сезона и на очекуваните епизоди со зголемено загадување на воздухот, ги предлага следниве препораки:

– редовно чистење на оџаците од домовите и одржување на грејните тела;

– за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми или каков бил синтетички материјал;

– да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци;

– печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот;

– редовен сервис на котли, печки и клима уреди за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи.

Градот Скопје ги известува граѓаните дека во периодот што е пред нас ќе следат засилени инспекциски контроли на сите постројки кои поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи, а особено внимание ќе се посвети на откривање и спречување на спалувањето отпад.

Скопје синоќа повторно се најде на врвот на светските листи за загаденост. Според податоците од меѓународната платформа за квалитет на воздух, главниот град на Македонија во еден период беше втор најзагаден град во Европа, веднаш по Сараево, додека на светската ранг-листа се наоѓа на 15 место.

Индексот на квалитет на воздухот (AQI) за Скопје синоќа изнесуваше 149, што го стави во категоријата „нездрав за чувствителни групи“. На листата пред Скопје се наоѓаат градови како Дака, Колката, Делхи, Лахоре, Доха, Дубаи и други мегаполиси кои традиционално имаат сериозни проблеми со загадувањето.

Пред два дена, Скопје беше на 21-то место во светот по загадување вечерва или втор во Европа, веднаш зад Сараево, кој беше на прво место.

Во Македонија во 2022 година – 3.600 лица прерано починале поради хронична изложеност на PM2.5 честички, 330 поради хронична изложеност на NO2 и 210 поради акутна изложеност на озон. Македонија е на самиот врв во Европа по број на починати поради изложеност на PM2.5, со 303 лица на 100,000 жители во ризик. На второ место е Босна со 258, потоа Косово со 254 и Србија со 228. За споредба, Франција има 48, Германија 55, Данска 31 починати на 100.000 жители во ризик.

Како главни причини за аерозагадувањето во главниот град Скопје, се посочуваат согорување на дрва и дрвна маса, согорување на нафта и мазут за греење или како енергенс во индустријата, но и сообраќајот.