Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е во убедливо водство пред другите политички партии, но нема да одиме на предвремени избори

Тој рече дека кога би гледале партиски би оделе на предвремени избори, но дека гледаат на изборите државнички, а следната година државата треба да врати долг од 2,2 милијарди евра, треба да се издаде еврообврзница во јануари и дека следната година е прилично економски предизвикувачка, а ако се оди на избори ќе застане и процесот на реформи.

од Vladimir Zorba
25 прегледи Фото: Локално

ВМРО-ДПМНЕ е во убедливо водство пред другите политички партии на две анкети што за нивни потреби биле направени минатиот месец, но, немаат намера да одат на предвремени избори бидејќи, како што вели премиерот Христијан Мицкоски, не се водат од партиски, туку од државни интереси и оти Владата ќе остане посветена на реформските процеси, економијата и унапредувањето на животот на граѓаните.

Тој рече дека кога би гледале партиски би оделе на предвремени избори, но дека гледаат на изборите државнички, а следната година државата треба да врати долг од 2,2 милијарди евра, треба да се издаде еврообврзница во јануари и дека следната година е прилично економски предизвикувачка, а ако се оди на избори ќе застане и процесот на реформи.

Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите вели дека планира по Конгресот, кој ќе се одржи викендов и на кој треба да се избере претседател на партијата, за што досега е единствен кандидат, пред крајот на годината или почетокот на следната пред Централниот комитет на партијата ќе предложи нов состав на Извршниот комитет. Во периодот потоа треба да има генерален избор во општинските комитети и униите во партијата. Мицкоски очекува до крајот на март да заврши целиот процес на избори во партијата.

-Осум години се луѓето во структурите на партијата и потребно е освежување. По завршувањето на овој Конгрес, тоа би било некоја мека транзиција за следниот конгрес по четири години, рече премиерот.