Мицкоски за протестот за поддршка на лидерите на ОВК: Не го поддржувам, погрешен потег на Ахмети

Мицкоски уверен дека ниту ВЛЕН нема да го поддржи протестот

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е погрешен потег на лидерот на ДУИ, Али Ахмети што го најави протестот во поддршка на поранешните лидери на ОВК, на кои им се суди во Хаг, за 13 декември во Скопјe.

Мицкоски изјави дека смета оти Ахмети треба да ја преиспита таа одлука.

„Со овој протест, тие се обидуваат да се мобилизираат пред партискиот конгрес, но само ќе докажат дека ќе им биде многу тешко да најдат коалициски партнер во иднина. Јас не ја поддржувам таа идеја и не се согласувам со тој протест. Убеден сум дека ниту ВЛЕН нема да го поддржи“, рече Мицкоски.

Лидерот на Демократската унија за интеграција пред два дена информира дека собирот за поддршка на поранешните лидери на ОВК, кој од Организацијата на ветерани на ОВК го најавија за овој месец во Скопјe, ќе се одржи на 13 декември, на плоштадот „Скендербег“.

Ахмети веќе беше учесник на два протести што беа организирани во Приштина и Тирана како поддршка на поранешните водачи на ОВК.

Инаку, на самиот финиш на предизборната кампања за локалните избори во Македонија, на два дена пред да се одржи првиот круг на гласањето, лидерот на ДУИ ненадејно ги напушти предизборните карвани на коалицијата Национална алијанса за интеграција, предводена од ДУИ и реши да присуствува на 17 октомври на протестот во Тирана во знак на „поддршка на четворицата поранешни команданти на косовската УЧК“, на кои им се суди во Хашкиот трибунал за „воени злосторства против цивилно население“ во 90-тите години од минатиот век во Косово.

Во Судот во Хаг им се суди на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за воени злосторствата извршени на Косово.

Слични содржини