Радев: Сакаме Македонија да влезе во ЕУ, но не на сметка на правата на Бугарите

Претставниците на македонските Бугари на средбата со Радев порачале дека се против идејата за уставни измени со одложено дејство или други услови, бидејќи, како што велат, станува збор за гарантирање основни човекови права

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Прес-служба на бугарскиот претседател

„Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија значително ќе го забрза патот на земјата кон Европската Унија и се надевам дека нашиот југозападен сосед ќе го стори тоа што е можно поскоро за да ги отвори вратите за преговори за полноправно членство“. Ова го изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев на средбата со претставници на организациите на бугарската заедница во Македонија од Битола, Охрид, Скопје, Прилеп, Кавадарци и Кочани, соопшти прес-службата на шефот на бугарската држава.

„Должност на секоја демократска држава е ефикасно да ги заштити правата на сите свои граѓани и да го гарантира нивното право на самоопределување“, додал Радев.

„Сите се надеваме дека интеграцијата на Македонија ќе се случи што е можно поскоро, но тоа не може да биде на сметка на правата на бугарската заедница во земјата“, нагласил бугарскиот претседател. Во овој поглед, Радев изразил надеж дека македонските власти ќе го спроведат европскиот компромис од 2022 година што е можно поскоро и ќе ги вклучат Бугарите во нивниот устав.

Според него, токму Бугарите од Македонија први го поставиле прашањето за ефикасно гарантирање на нивните права во сопствената земја, како и дека денес тоа е заедничка кауза не само на сите бугарски институции, туку и на ЕУ.

Претставниците на бугарските организации од земјава на состанокот со Радев, пак, изразиле надеж дека Македонија нема да ја користи бугарската заедница како алиби за да не ги спроведува неопходните реформи што ја водат земјата кон ЕУ. Како што пренесува БТА, тие решително се изјасниле и против идејата за уставни измени со одложено дејство или други услови, посочувајќи дека станува збор за гарантирање основни човекови права, и дека како лојални граѓани на својата земја очекуваат институциите да им обезбедат еднакви права и ефикасна заштита од дискриминација.

-Претставниците на бугарските организации ги повикаа медиумите во Бугарија да не се вклучуваат само во случаите на најтешки напади врз нашите сонародници во РСМ, туку и со своите културни и јавни манифестации. Тие изразија надеж дека Бугарија ќе охрабри повеќе студенти од нашиот југозападен сосед да студираат на бугарските универзитети, што е исклучително важно за контактите меѓу младите луѓе од двете земји, стои во објавата на бугарските медиуми за средбата во Кабинетот на Радев.

Претходно вчера, едногласно, бугарските пратеници кои се дел од Комисијата за надворешна политика усвоиле Декларација со која се осудува чинот на насилство од омраза врз екс-новинарот Владимир Перев. Во документот се нагласува безусловната поддршка за сите граѓани на Македонија со бугарски идентитет кои праведно ги бранат своите права. Бараат пронаоѓање на напаѓачот на Перев кој пријавил во полициска станица дека бил нападнат во маркет во центарот на Скопје, само „поради тоа што е Бугарин“.

-Властите во соседната земја се повикуваат да престанат со сите дејствија и изјави што го оправдуваат насилството и да изразат несогласување со јавното негирање и омаловажување на постоењето на сериозен проблем со правата и безбедноста на Бугарите таму, стои во документот.