Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид во завршните градежни активности во салата „Работнички”, која добива современ изглед и целосно ги исполнува ФИБА стандардите за одржување натпревари од највисоко ниво.
Во моментов се поставува нов паркет на теренот со површина од 700 квадратни метри, кој одговара на ФИБА стандардите за натпревари од ниво 1, а неговото целосно завршување се очекува во текот на следната недела.
„Пред самиот крај сме – завршуваме еден голем процес и во исто време отвораме ново поглавје за нашиот „Работнички”. Го остваривме тоа што го замисливме, па дури и повеќе , добивме сала по ФИБА стандарди”, изјави Герасимовски.
Објектот е целосно енергетски ефикасен. Поставено е подно греење, со што се овозможуваат значителни заштеди на енергија, а инсталиран е и современ климатизациски систем за ладење, греење и проветрување. Фасадата е исто така енергетски ефикасна, со што се обезбедува долготрајност и економичност во користењето.
Трибините се целосно завршени, а во тек е поставување на заштитни огради согласно противпожарните стандарди. Амбиентот во салата е во боите на КК „Работнички”, со црвени столчиња и бело-црвени ѕидови.
Дополнително, во наредната фаза ќе се доинсталираат семафорите, додека озвучувањето и осветлувањето веќе се целосно финализирани.
На приземјето се обезбедени вкупно шест соблекувални за екипите и судиите, како и простории за медицинска интервенција и за допинг-контрола. Поставени се тоалети за посетители, вклучително и инклузивни, со пристапна рампа, а во административниот дел се предвидени простории за конференции и состаноци.
Бројот, големината и намената на дополнителните простории се реализирани во координација со Македонскиот олимписки комитет, Кошаркарската федерација на Македонија и другите спортски федерации, со цел салата да ги задоволува сите стандарди за меѓународни натпревари и да придонесе за унапредување на спортот во Центар и Скопје.
На обиколката присуствуваа и ветераните на „Работнички”, Митко Луковски и Огњан Герасимовски, кои го поздравија напредокот и изразија поддршка за овој значаен проект.