Граѓанското движење „Кој е следен“ најави дека во сабота во 17:00 часот ќе одржат јавен онлајн останок пред седницата на Постојаната Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, која ќе ја разгледува Претставката за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Ги повикаа сите заинтересирани граѓани да се пријават, да го споделат својот став и да дадат придонес во институционалната расправа.
Оттаму информираа дека ќе присуствуваат на седницата на Анкетната комисија што Собранието ја закажа за 9 декември 2025 година.
Според движењето, потребно е целиот процес да биде транспарентен, инклузивен и фокусиран на утврдување на политичката одговорност, како и на унапредување на механизмите за заштита на граѓанските права.
Сите заинтересирани за учество на онлајн состанокот можат да се пријават преку формуларот на следниот ЛИНК.
Комисијата ќе ги опфати настаните во Кочани, пожарот во Модуларната болница во Тетово, несреќата со автобусот на „Беса Транс“ и сообраќајката кај Ласкарци. Иницијативата ја поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН.
Собранието не ја прифати одделната иницијатива за Анкетна комисија за случувањата во Кочани предложена од СДСМ, Левица и ДУИ, која доби поддршка од само 28 пратеници.
Пратеникот на Левица и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев, за 9 декември закажа седница на оваа комисија, на која ќе се разгледува поднесената претставка од „Здружението на граѓани 16 март 2025 година“ во јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца во Кочани.