Дали доцни надоместот за породилно, Димитриеска Кочоска: „Можеби некоја родилка туку што се породила, па процедурата додека да се средат документите…“

„Вие велите се доцни, јас немам таква информација. Треба да најдеме и да докажеме, но, со исплати на сметка итн, затоа што секогаш некој може да каже дека на него лично му се случува“, вели министерката Димитриеска Кочоска за наводите дека доцни исплатата на породилното отсуство

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Влада

Запрашана во каква кондиција е државниот Буџет, со оглед дека доцнеше исплатата на повратот на ДДВ кај дел од граѓаните и зошто по два месеци доцни исплатата на породилното отсуство, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека не знае за такво нешто ниту вели дека има такво информација.

-Напротив, ФЗО секогаш дава приоритет на исплата на средства. Вие велите се доцни, јас немам таква информација. Треба да најдеме и да докажеме, но, со исплати на сметка итн, затоа што секогаш некој може да каже дека на него лично му се случува. Можеби некоја родилка туку што се породила, процедурата додека да се средат документите, ќе искочи дека се доцни месец или два, но да ги видиме другите кои што се во систем, па да видиме дали се доцни. Не се согласувам со делот дека има задоцнување, рече денеска министерката на прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања.

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред десетина дена на прес-конференција рекоа дека владата на Христијан Мицкоски ги има оставено мајките и новороденчињата без основната финансиска сигурност што им следува по закон и оти породилниот надомест доцни и до 30 дена.

Според партијата, оваа ситуација е директен резултат на неспособноста и расипничките приоритети на Мицкоски и неговиот другар Клековски бидејќи, според неа, вакво доцнење никогаш не се случило во минатото, дури ни за време на светска економска криза или хакерски напади на Фондот.