Министерката за финансии повтори дека Македонија е на трето место во Европа по растот на БДП

„Во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, согласно податоците за третиот квартал за 2025 година, Македонија е на трето место по раст на БДП при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска“, тврди Димитриеска Кочоска

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Фејсбук

 Растот на БДП во третиот квартал од 2025 година, којшто денеска го објави Државниот завод за статистика, е резултат на она што го работевме напорно во изминатата година и половина, изјави денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Реалниот раст на Бруто-домашниот производ во третиот квартал од 2025 година изнесува 3,8%. Ова претставува дополнително забрзување на економската активност, по растот од 2,9% во првиот и 3,5% во вториот квартал годинава. Притоа, растот од 3,8% е еден од највисоките во последните неколку години. Во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, согласно податоците за третиот квартал за 2025 година, Македонија е на трето место по раст на БДП при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска. Доколку споредуваме со земјите од регионот, за третиот квартал од 2025 година,  растот во Србија изнесува 2%, во Црна Гора 3,1%, во Хрватска 2,3%, во Бугарија 3,1%, во Романија 1,2%, итн. Кумулативно, растот во првите три квартали годинава изнесува 3,4%”, потенцира министерката.

Појасни дека главниот двигател на растот во третото тримесечје се бруто инвестициите, кои се зголемија за исклучително високи 30,6% и претставува едно од најуспешните од кога се мери економската активност на земјата.

„Податоците за растот на инвестициите”, наведе министерката, „се најдобар показател за високата доверба на инвеститорите во домашната економија. Дополнително, податоците потврдуваат дека силната посветеност на Владата во изминатиот период за инвестиции во нови производни капацитети и зголемување на конкурентноста на компаниите даде исклучително позитивни резултати”.

Во септември, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека со БДП од 3,4 проценти во вториот квартал годинава Македонија го дели третото место со Хрватска  според постигнатиот раст меѓу европските држави и е пред сите држави во регионот. Во одговор на новинарско прашање, Мицкоски рече дека очекува раст на економијата и над четири проценти до крајот на годинава.

– Државниот завод за статистика денеска објави дека БДП во Македонија во вториот квартал е пораснат за 3,2 проценти. Тоа значи дека во моментот се објавени во рамки на ЕУ од Евростат податоци за растот на БДП за 28 европски земји. Македонија го дели третото место со Хрватска. Пред нас се Ирска и Кипар, сите останати земји во потесниот и поширокиот регион се зад Македонија – изјави тогаш Мицкоски.

Слични содржини