„Партиите тонат, лидерите стојат“ – историјата се повторува во албанскиот блок

И покрај јасните изборни порази, лидерите на албанскиот политички блок одбиваат да ја преземат одговорноста и наместо тоа најавуваат „реформи“ што ги погодуваат сите под нив, освен нив самите.

од Vladimir Zorba
165 прегледи Фото: Принтскрин/ТВ Телма

Ниту Али Ахмети, ниту Арбен Таравари, ниту Зијадин Села – никој од лидерите во албанскиот политички блок не покажува подготвеност да преземе одговорност за сериозните порази на локалните избори.

Иако јавноста очекуваше барем еден гест, барем едно симболично признание дека нешто во стратегијата тргнало наопаку, на терен се случува токму спротивното: лидерите се подготвени да ги сменат сите под себе, само за да останат на чело на ДУИ и двете крила на Алијансата за Албанците.

Разговорите со луѓе што му припаѓаат на албанскиот политички корпус откриваат атмосфера на растечко незадоволство под површината, но и длабок страв да се изговори тоа јавно.

„Ќе паднат секретарите, ќе паднат ограноците, ќе паднат сите. Само не и Ахмети. Партијата е градена така што сите се заменливи, освен него. И да сака некој да побара одговорност, нема процедура за тоа. Тоа веќе кажува доволно“, открива изворот за „Локално“.

И во Алијансата за Албанците ситуацијата не е помалку комплицирана. Иако поразите се очигледни и болни, од врвот пристигнува порака дека ќе има „реформи“, но тие реформи најчесто значат реконструкција на структурата, а не на лидерството.

„Села е подготвен да го смени целото раководство, ако е потребно“, вели друг функционер кој инсистираше да не го именуваме. „Тој е убеден дека проблемот не е кај него, туку кај сите други. А тоа, знаете… така не оди“.

Паралелно со ова, од луѓе блиски до Арбен Таравари стигнува впечаток дека неговото влијание врз базата е силно и понекогаш дури поголемо од она што официјално го претставуваат.

„Таравари не поднесува оставка. Тој само ја менува сцената кога ќе процени дека му пречат светлата. А вината секогаш е некаде таму, кај некој друг“, брифираат нашите извори.

Политички аналитичари коишто неформално ги консултиравме, пак, велат дека ова е препознатлив модел во албанскиот блок: лидерот се доживува како недопирлива фигура, не само политички, туку и емотивно, па затоа секој обид за критика се толкува како напад врз целокупната заедница.

„Се создава чувство дека ако се смени лидерот, ќе се распадне етничкиот баланс“, вели еден од нив. „Тоа е мит, но станува збор за мит што многумина го хранат со години“.

Одговорноста, пак, се префрла на „структурите“, на ограноците, на локалните комитети, на младината, на сѐ што може да се смени безболно.

Притоа, никој не сака да навлезе во прашањето што всушност го поставуваат гласачите со својот јасен изборен сигнал – дали овие партии навистина ја губат допирната точка со реалноста или се работи за нешто подлабоко: замор, сеење фрустрации, па и недоверба што тивко се таложи.

„Сите зборуваат за реформи, ама сите реформи започнуваат и завршуваат без да се допре врвот. А знаете дека без тоа… ништо не се менува“, брифираат нашите извори.

Па така, додека лидерите си ги штитат позициите, а базата глуми дека верува во најавените „длабоки анализи“, уште еднаш се покажува дека политичката одговорност на во албанскиот опозициски блок е најчесто празна форма. Се употребува само тогаш кога треба добро да звучи, а ретко кога треба навистина да се понесе.

Б.Т.