Мајка чиј син настрада во „Пулс“: Зошто за пожарот не се гонат и актуелниот министер за економија и директорот на ДПИ?

Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, се обрати еден од родителите: „Во судскиот процес се гонат само најниските во хиерархијата, а оние што имале најголема моќ и одговорност, како министри, инспектори, директори, началници, се движат слободно како да немаат никаква вина“

од Nikola Popovski
194 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Инфомакс

Марија Петрушова, мајка на една од жртвите од трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати на седницата на Анкетната комисија во Собранието, токму за пожарот на кобниот 16-ти март. Порача дека борбата за вистинска правда е борба за сите иднината на сите деца во државата и за сите идни генерации.

Петрушова пред пратениците и функционерите истакна дека животите во „Пулс“ трагично згаснаа поради неспособноста, неодговорноста и корупцијата која ги опфаќа сите нивоа на власт.

-Секој граѓанин мора да се запраша – што станува со нашите животи ако ова може да се случи? Каде е безбедноста што треба да ја гарантира државата? Ние овде сме и за да бараме правда. Не можеме да останеме безгрижни. Нашето барање е овој случај да се разгледа како сериозна повреда на човековите права, со посебен акцент на правото на живот. Она што го доживеавме е и системска опасност за сите граѓани. Надлежност во случајот има МВР, БЈБ, СВР Штип, ОВР Кочани, инспекторката за економски криминал при ОВР Кочани, градоначалникот и општинските инспектори, ДПИ, Министерството за економија, УЈП, ДЗСИ, Агенцијата за обезбедување Рубикон и низа други институции. Наместо да ги заштити, системот ги остави нашите деца на немилост во објект кој работел незаконски и без безбедносни стандарди. Ова трагедија е од системски пропусти и негрижа, кажа мајката на една од жртвите во пожарот.

Петрушова смета дека во судскиот процес се гонат само најниските во хиерархијата, а оние што имале најголема моќ и одговорност, како министри, инспектори, директори, началници, се движат слободно како да немаат никаква вина.

-Oва особено се однесува за одговорните лица од ОВР Кочани, СВР Штип, инспектори, главната инспекторка за економски криминал во Кочани, сменоводителот на денот на настанот. Видовме дека во истрагата се вклучени и бившите министри за економија, државната секретарка во Министерството за економија и директорот на ДПИ. Несфатливо е поради кои причини, во истрагата не се вклучени и актуелните функционери на истите позиции, како и бившите и сегашните функционери од сите надлежни институции за издавање на дозволи, одобренија и надзор за дискотеката „Пулс“? Државата драматично потфрли пред корупцијата и криминалот, кажа Петрушова.

На седницата на Анкетната комисија, присутни се и премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.