Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, на Анкетната комисија иницирана од родителите на загинатите во Кочани, истакна дека централниот елемент на дискусијата треба да биде недостатокот на одговорност од страна на институциите. Тој истакна дека кога се случи трагедијата, на сите им било јасно дека системот потфрлил, но проблемот, според него е во тоа што институциите се изземени од одговорност заради приватниот интерес кој генерира пари на незаконски начин.
„Централниот елемент на ова дискусија треба да биде дека во оваа држава некој дозволува да не се следат законите, да не се следат прописите и да не постапуваат институциите само заради една работа, а таа работа не ја кажа никој тука, тоа се парите. На нас трагедии ни се случуваат затоа што институциите молчат пред приватниот интерес кој генерира пари на незаконски начин. Институциите молчат пред луѓето кои имаат политички врски само за да генерираат профит. Тоа го видовме и од преписките кои излегуваа во медиумите и од процесот. Значи нашите институции гледаат, знаат, намерно молчат“, истакна Мециновиќ.
Понатаму во своето излагање Мециновиќ праша каде завршуваат парите заради кои институциите гледаат, молчат и со тоа потфрлаат. „Мене ми е апсурдно да зборуваме за процедура денеска. Ние конечно треба да се одважиме да го одговориме прашањето – Каде завршуваат крвавите пари заради кои се случуваат овие трагедии?“.