Владата не го поддржува најавениот протестен марш в сабота за поддршка на војниците на ОВК кои Меѓународниот суд во Хаг ги суди за воени злосторства. Премиерот Христијан Мицкоски се надева дека собирот ќе биде мирен. Ќе се формира кризен штаб, кој ќе ја следи состојбата 24 часа пред настанот и 24 часа потоа. Државата и институциите се подготвени да одговорат на било какви провокации, кои негативно би се одразиле врз граѓаните и регионот, дециден премиерот. За ова ќе бидат известени и меѓународните партнери. Според него, настанот е обид за политичка мотивација.
Протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Мицкоски жали што има и такви коишто еве го поддржуваат овој процес јавно, иако тоа, според него, немаше потреба да се случи, алудирајќи на актуелниот градоначалник на Чаир и коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Изет Меџити, кој рече дека ќе даде дозвола за одржување на собирот, надевајќи се дека сè ќе помине добро. Според Меџити, протестот е демократско право.
Дали протестот ќе се претвори во реален политички судир внатре во власта?
За дел од јавноста ова е обид на Ахмети да го задржи статусот на главен фактор кај етничките албанци во Македонија, но пред се да ја задржи раздрмана доверба пред се во ДУИ, но и „раштиманата“ опозициска коалиција. Според политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, Ахмети во изминатите дваесет и кусур години важеше за врвен преговарач и најголемиот број битки ги добиваше на зелена маса, но еве веќе две години се потврдува дека „тие негови методи некој реши да им стави крај, а ДУИ без оглед што задржи добар дел од гласачите политички тоне во длабока опозиција“.
-Ова негово организирање на протести во Скопје го гледам како обид за демонстрирање сила, некакво сеетничко обединување, сопствено факторизирање, а истовремено обид за негирање на сегашната владејачка структура кај етничките албанци во Македонија, истакнува Ристевски во разговор за „Локално“.

Александар Ристевски/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Околу дали од поддршката за протестот зависи стабилноста на владините редови, Ристевски оценува дека власта е прилично стабилна. Оценува дека ВЛЕН доби се што можеше да добие, а најголем дел од тоа е благодарение на ВМРО ДПМНЕ што ќе треба и мора да го почитуваат.
-Од друга страна не сакаат кај сопственото гласачко тело да добијат етикета на некакви „предавници“ на некакви каузи кои одамна сите си ги поставиле, така да на ова гледам како соодветно балансирање. Изет Меџити е доволно искусен за да не наседне на ситни игри и провокации, па дава поддршка, но не со цел да го факторизира Ахмети, туку за лицата кои се процесуирани. Владата сметам дека е стабилна и има две и пол години да го оправи системот и државата, но и да се справи со криминалот, но и недоследностите кај претходниците. Претстои долга борба, и многу работа, истакнува аналитичарот.
Од друга страна, поранешниот пратеник и аналитичар, Зуди Џелили истакнува дека протестот на плоштадот „Скендербег“ претставува дел од пошироката серија собири кои веќе се одржаа во Приштина, Тирана, Брисел, Хаг и други европски центри, со цел да се изрази поддршка за поранешните лидери на ОВК и за правичен судски процес. Според него, овој тип протести не е насочен против институциите на државата, туку претставува артикулирање на чувствителни прашања кои се важни за голем дел од албанската заедница.
-Во тој контекст, изјавите на премиерот Христијан Мицкоски треба да се разгледуваат внимателно. Треба да се сфаќа дека секој политички лидер добива или губи во зависност од тоа дали знае да го задржи достоинствениот тон и да ја почитува чувствителноста на сите заедници во државата. Али Ахмети, Арбен Таравари, Зијадин Села дадоа безрезервна поддршка за протестите. Не постои албански политички фактор кој е против праведната борба на ОВК, што е реалност која треба да се разбере без потценување и без непотребни провокации, истакнува Џелили во изјава за „Локално“.

Зуди Џелили/Фото: Принтскрин
Што се однесува до разликите во ставовите меѓу премиерот и дел од лидерите на ВЛЕН, вклучувајќи го и Изет Меџити, според соговорникот, тие моментално изгледаат повеќе како вербални политички несогласувања отколку како вистински судир.
-Позиционирањето на Мицкоски како фактор на стабилност е легитимна политичка цел, но тоа бара внимателна реторика, почит, и избегнување квалификации кои можат да се протолкуваат како навредливи или притискачки. Секоја принудна „дисциплина“ или политички сервилитет има свој рок, и тоа е нешто што секоја владина коалиција го учи со време. Затоа, најважно е институциите да гарантираат мирно одвивање на протестот, а политичките лидери да покажат зрелост. Со одмерени изјави и меѓусебна почит, може да се избегнат непотребни тензии и да се зачува стабилноста, која е од интерес за сите граѓани на Република Северна Македонија, порача Џелили.
Претседателот на Организацијата на ветерани на ОВК, Хисни Гуцати обелодени дека интересот за протестот во Скопјe е многу голем, особено од граѓаните на Косово, но и од оние на Македонија. Тој вели дека се очекува учество од околу 20 илјади демонстранти од двете земји.
Според Гуцати, ветераните на ОВК добиле поддршка од сите политички партии во двете земји, а се очекува и градоначалниците на дел од општините од Косово да бидат присутни на протестот.
Тој ги повикал политичките субјекти да го поддржат овој митинг и да придонесат за граѓанската мобилизација за, како што вели, заштита на вредностите на ослободувањето.
Протестот е најавен за во сабота од 13:00 часот на плоштадот „Скендербег“ се карактеризира како регионален собир на кој ќе се побара ослободување на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели и други притворени од Специјализираните совети во Хаг. Организаторите најавуваат мирен протест и велат дека целта е „побарување правда“ за, како што тврдат, неправедно притворените.
Н.П.