СДСМ повторно предупреди за „српско сценарио“: Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски

Димитријевиќ бара Финансиската полиција да отвори истрага за преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“ и ги прашува Славески и НБ зошто без размислување дозволиле вакво нешто

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: СДСМ

„Пред само два месеци српската Алта банка ја презеде „Стопанска Банка АД Битола“. За тоа согласност дал Трајко Славески, гувернер на НБРМ. Дали токму тоа е причината за која Трајко Славевски беше избран за Гувернер НБРМ, само за да тивко и експедитивно се реализира токму оваа зделка“, прашаа денеска од СДСМ на прес-конференција.

Александар Димитријевиќ, член на ЦО на СДСМ, истакна дека клучното прашање е зошто веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ се реализираат вакви дилови? Според него, сопственик на Алта Банка е Давор Мацура од соседна Србија.

-За краток период од сопственик на мала менувачница во Земун, станува сопственик на банка, земјишен магнат, инвеститор, кој има договори со огромни државни компании во Република Србија.

Последно, на банката која до вчера била менувачница и е даден огромен државен бизнис на Електростопанството на Србија, а тоа се сметките за струја.

Според пишувањата на српските медиуми рецептот за успех се неговите врските со власта на СНС Александар Вучиќ, неговиот брат и кум. Српската опозиција редовно го обвинува Мацура за криминал. А медиумите во Србија го врзуваат пријателството и со Милан Радојчиќ, под американски санкции и на црната листа.

Но, кога Мацура се обидел да се прошири и во ЕУ, односно да купи речиси 20 проценти од уделот во австриската Адико банка, Европската централна банка му го суспендирала правото поради сомнеж за потеклото на капиталот.

По пишувањата на угледниот Фајненшл тајмс, постоела долга истрага на ЕЦБ за Alta Pay поради сомнежи за перење пари. Ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари, рече Димитријевиќ.

Тој прашува како Европската централна банка има преземено ваков ригорозен чекор, а Славески и НБРМ без размислување го дозволиле преземањето во Македонија.

-Еве го српското сценарио на кое предупредуваме! Оваа трансакција е нераскинливо поврзана со финансиско-политичката мрежа на владејачките структури со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Дали ова значи отворање на патот за селење на сомнителен капитал и влијанија од Србија во Македонија. Бараме Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање, рекоа од СДСМ на прес-конференцијата.