ЗХГ: Орце се прогласи за ненадлежен да го заштити Скопје од детонации

-На последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја отфрли нашата иницијатива за забрана на огномет на територија на градот велејќи дека Советот бил „ненадлежен“, најомиленото образложение на функционерите во Македонија, државата во која никој не е надлежен за ништо, велат од ЗХГ

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски - Orce Gjorgjievski

Иницијативата на „Зелен Хуман Град“ за забрана на огномет на територијата на градот Скопје е отфрлена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со образложение дека Советот бил „ненадлежен“, аргумент кој организацијата го оценува како уште едно во низата институционални избегнувања на одговорност.

-На последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја отфрли Иницијативата на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за забрана на огномет на територија на градот велејќи дека Советот бил „ненадлежен“, најомиленото образложение на функционерите во Македонија, државата во која никој не е надлежен за ништо. Споредбата за наводната ненадлежност Ѓорѓиевски ја доведе до апсурд со изјавата дека тоа било исто како Советот на Скопје да забранува абортус.

Од друга страна, Општина Кавадарци на почетокот на декември донесе одлука да ги слави празниците годинава без огномет. Ако не, Советот на Кавадарци како понадлежен да донесе иста одлука и за Скопје?, прашуваат од ЗХГ.

Во иницијативата упатена до Советот беше експлицитно наведена законската основа односно Законот за Град Скопје, член 10, кој ја задолжува локалната самоуправа да ја штити водата, почвата и воздухот, да спречува загадување и да спречува бучава.

„Иако во иницијативата доставена до Советот на Град Скопје беше експлицитно наведена надлежноста според Закон за Град Скопје во чијшто член 10 е прецизирана обврската што нашата локална самоуправа ја има да ги заштити водата, почвата, воздухот, да спречи нивно загадување, да спречи бучава, за градоначалникот таа надлежност не постои?!“ стои во нивното соопштение.

Според ЗХГ, образложението на Ѓорѓиевски било дека МВР спречувале неовластено користење огномети.

-МВР исто така се надлежни за неовластено палење отпад и загрозување на животната средина со неовластено одлагање отпад, па тоа не ја намалува обврската и надлежноста на Градот да собира отпад и во својата одлука за комунален ред да уредува начини за негово прописно одлагање. Ако Градот забрани на својата територија кој било да користи огномети, петарди и останати експлозивни материи, тоа не одзема од надлежноста на МВР туку додава!

Дополнително на надлежноста што градскиот совет на Скопје неспорно ја има, доколку мнозинството на градоначалникот ја прифатеше Иницијативата, тоа ќе беше јасна политичка порака до неговата партија која ја има централната власт во момент кога подготвува измени на Законот за јавен ред и мир и веќе најавува забрана за огномет во затворен простор. Поддршката од Градот ќе ја отвораше вратата за забрана на огномет и на отворено – на целата територија на Македонија!

Наместо тоа, скопјани добија сигнал дека здравјето на граѓаните, ранливите групи и животните е помалку важно од политички калкулации. Детонации на секои пет минути не се празнување. Детонации на секои пет минути се вознемирување, разболување и смртни последици за животните. Тоа го знае секое семејство со дете со аутизам, секој хронично болен човек, секој граѓанин што не може да спие, секој што си го бара правото на мир и достоинство.

Од ЗХГ велат дека доколку мнозинството на градоначалникот ја прифатеше иницијативата, тоа ќе беше силен политички сигнал кон Владата, која токму во моментов подготвува измени на Законот за јавен ред и мир и веќе најавува забрана на огномет во затворен простор.

Според нив, поддршката од Град Скопје ќе отвораше и врата за проширување на забраната и на отворено, на целата територија на државата.

-За да ги натераме властите да ја усвојат оваа многу задоцнета одлука, неопходна ни е твојата поддршка. Пиши мејл до градоначалникот и до премиерот – барај Советот на Град Скопје и Собранието да забранат огномети и петарди во Македонија, побараа од иницијативата, при што споделија информации каде може да се испратат барањата за забраната за петарди и огномети.