ЗХГ: Благодарение на нас ќе нема огномет на новогодишната прослава на плоштадот „Македонија“

-Ова претставува мал, но значаен чекор кон намалување на преголемото загадување на воздухот, како и етички чекор животните да не доживуваат енормен стрес и потенцијална смрт за 3 минути „забава“, порачаа од „Зелен Хуман Град“

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Град Скопје

Здружената иницијатива на 23 организации, „Зелен Хуман Град“ информира дека благодарение на институционалниот притисок вршен внатре во Советот на Град Скопје од страна на нивниот советник, Марјан Калевски, како и вонинституционалниот притисок вршен со нивните авни реакции и секако, најважното, ангажираноста на граѓаните со испраќање мејлови до надлежните институции и давање поддршка за нивната иницијатива на социјалните мрежи, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека оваа година на новогодишната прослава нема да има огномет.

Според ЗХГ, ова претставува мал, но значаен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на најранливите групи граѓани во Скопје, намалување на преголемото загадување на воздухот, како и на сите медиуми на животна средина и, се разбира, етички чекор кон тоа безгласните жители на Скопје, животните, да не доживуваат енормен стрес и потенцијална смрт за 3 минути „забава“.

-Секако ова не ги спречува бројните несовесни граѓани кои новогодишните празници ги доживуваат како погоден момент на своја рака да испалуваат огномет и разни пиротехнички средства и поради ова апелираме и очекуваме Министерството за внатрешни работи да е на висина на задачата, особено на дочекот на Новата година. Истовремено, потсетуваме на нашето барање што побрзо Собранието да усвои законски измени и да забрани огномет и каква било пиротехника и на затворено и на отворено, порачуваат од иницијативата.

Деталите за новогодишната програма, вчера ги соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на прес-конференција на која објави дека годинава градот се откажува од традиционалниот огномет и се стремат кон модерен и семеен концепт на прослава.