Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) денеска ги објави резултатите од обдукцијата на новороденчето кое почина на оваа клиника. Според официјалниот наод, на телото на бебето нема физички повреди на ниту еден орган, а смртта настанала како последица на тешка респираторна инсуфициенција.
Како што појаснуваат од ГАК, станува збор за респираторен стрес синдром, односно незрелост на белодробното ткиво. Клиниката веќе го повикала семејството за да ги сподели сите детали од наодот и изрази длабоко сочувство за нивната загуба.
-Согласно заклучокот, Клиниката ќе постапи по сите правни процедури пропишани за евентуално поведување на дисциплинска постапка во рамките на дозволениот временски рок. Како установа изразуваме длабока жалост, а воедно сочувствуваме со болката и загубата на семејството. Вработените на ГАК секојдневно се борат за животите на многу деца, но за жал се случуваат и загуби кои ги доживуваме не само како професионална, туку и емотивна загуба, стои во информацијата од ГАК.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција замоли да не се прави сензација од случајот и да се причекаат резултатите од сите релевантни институции.
-Државниот здравствен и санитарен инспекторат веќе зварши со процедурите, имаше и прес-конференција. Таму не се детектирани административни процедури кои не се имплементирани. Исто така Комисијата е фомрирана, мислам дека денеска се на терен, а не денеска во понеделник. Да ги причекаме резултатите и од обдукцијата за да ги сумираме сите резултати и ќе има информација, рече Алиу.
Според медицинската документација, родилката била хоспитализирана како итен случај на 27 септември и породувана со царски рез на 28 септември. Новороденчето било префрлено на интензивна нега поради респираторни компликации, интубирано и ставено на антибиотска терапија. Состојбата нагло се влошила на 1 октомври, а и покрај мерките и реанимацијата, детето починало.
Пред речиси два месеца на Детската клиника почина петгодишно дете поради воспаление на мозокот. Претходно, јавноста беше потресена од смртта на 14-месечно бебе од Скопје и новороденче од Струмица. Единствено за случајот со 14-месечното бебе, ДСЗИ утврди пропусти во лекувањето. Детската клиника и директорот беа казнети.