Кој ги штити трговците и го дели профитот од препродажба на земјоделските производи?

„Земјоделците не протестираат, бидејќи се плашат да не останат и без тоа што го имаат. Протестите не се решение, бидејќи земјоделците не веруваат дека ќе се сменат состојбите во македонскиот аграр“, вели за „Локално“ Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци.

од Vladimir Zorba
55 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

Земјоделците се разочарани од моменталната состојба во македонскиот аграр, но сметаат дека протестите не се решение на нивните проблеми. Според нив, праксата покажале дека и покрај многубројните штрајкови, протести и блокади кој ги организирале откупните цени се ниски, има нелојална конкуренција, а трговците држат монополот на пазарите… . Причината за ваквата состојба во македонскиот аграр е политиката која е длабоко навлезена во земјоделството. Земјоделците обвинуваат дека власта ги штити трговците, бидејќи со нив го дели профитот од препродажба на земјоделските производи.

-Земјоделците во Грција штрајкуваа речиси еден месец и европските земјоделци излегоа на протести поради неисплатени субвенции. Но, кај нас земјоделците не сакаат да протестираат поради тоа што не веруваат дека нешто ќе се промени. Кај нас политиката е длабоко навлезена во земјоделството, а владините претставници соработуваат со откупувачите и прекупците и го делат профитот, обвинуваат земјоделците.

Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица за „Локално“ вели дека наместо на откупувачи однадвор кој нудат повисока цена мораат да ги продаваат своите производи на домашни трговци по пониска цена.

Ристе Велков; Фото: Јутјуб/Принтскрин

-Земјоделците не протестираат, бидејќи се плашат да не останат и без тоа што го имаат. Протестите не се решение, бидејќи земјоделците не веруваат дека ќе се сменат состојбите во македонскиот аграр. Голем проблем е што немаме откупно-дистрибутивни центри. И покрај тоа што со години се ветуваше дека ќе се отворат три откупни центри во Струмица, Ресен и Скопје, се уште нема ништо од тоа. Порано земјоделците директно ги пласираа своите производи на пазарите и ако килограм домати беше 100 денари тие одеа директно во џебот на земјоделците, а не како сега повеќе од 50 денари одат за трговците, вели Велков.

Откупувачите за 50 евра откупуваат 400 килограми домати по 6-7 денари за килограм, а ги продаваат по 60 денари за килограм и имаат заработувачка над 100 отсто.

-Доматите ќе бидат уште поскапи во јануари, бидејќи нема домашно производство. Земјоделците се откажаа од производство на домати под парно, бидејќи им е многу скапо, додава Велков.

И Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа смета дека протестите нема да променат ништо, бидејќи надежта на земјоделците умре откако политиката влезе во земјоделството.

Ѓорѓи Каракашев; Фото: Јутјуб/Принтскрин/Поткаст

-Политиката го кочи развојот на земјоделството. Откако политиката влезе во земјоделството нема развој. Државата мора да направи разлика меѓу примарни земјоделски производители и трговци и тоа да биде уредено со законска регулатива преку систем на одданочување. На тој начин што примарните земјоделски производители ќе се одданочуваат паушално, а трговците на пазарите ќе се одданочуваат преку фискализација, изјави за „Локално“, Каракашев.

Според него, секој треба да продава тоа што произведува што лесно може да се провери преку податоците во подрачните единици на Министерството за земјоделство.

-Врз основа на пријавените земјоделски капацитети земјоделците да добиваат уверенија за тоа што произведуваат и што може да продаваат на пазарите. Сите други субјекти на пазарите треба да се фискализираат, вели Каракашев и додава дека земјоделците произведуваат по 2-3, а не по 20 производи.

На овој начин, смета дека ќе се намали сивата економија на пазарите и ќе се ограничи монополот на трговците.

Б.С.