Трамп ќе смени 30 амбасадори ширум светот, меѓу кои и Агелер

Амбасадорката Агелер заминува од Македонија по одлука на американскиот Стејт Департмент

од Nikola Popovski
54 прегледи Фото: U.S. Embassy North Macedonia

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе промени 30 кариерни дипломати од амбасадорски и други позиции во амбасадите во земјите ширум светот, а една од нив ќе биде и амбасадорката во Македонија, Анџела Агелер. Како што пренесуваат светските медиуми, „АП“ и „Политико“, ова доаѓа како дел од напорите за преобликување на американските дипломатски мисии и назначување персонал кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на Трамп отелотворени во пораката „Америка на прво место“.

Шефовите на мисии во најмалку 29 земји биле известени минатата недела дека нивните назначувања завршуваат во јануари, изјавиле двајца претставници на Стејт департментот кои зборуваа под услов на анонимност. Оние кои се погодени од промените не ги губат своите работни места во Надворешната служба и се враќаат во Вашингтон за други должности доколку сакаат да ги преземат, рекле претставниците.

Сите отповикани амбасадори ја презедоа функцијата за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, но останаа на тие позиции по првичната чистка на почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари, кога беа цел претежно политички назначени лица.

Стејт департментот не коментирал за конкретниот број на засегнати вработени или амбасадори, но соопштил дека тоа е стандарден процес во секоја администрација. Како што е најавено, амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да обезбеди дека има поединци во овие земји кои ја промовираат неговата агенда „Америка на прво место“.

Најпогодена од промените е Африка, каде што амбасадорите од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зелен ’Рт, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда – ќе бидат повлечени.

На второ место е Азија со смени на амбасадори во шест земји – Фиџи, Лаос, Маршалски Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.

Во Европа, покрај Македонија, смени ќе се случат и во Ерменија, Црна Гора и Словачка.

Во септември 2022 година, на церемонија во американскиот Стејт Департмент, Агелер даде заклетва како нов американски амбасадор во Република Северна Македонија. Агелер, која е дипломатка од кариера, претходно беше в.д. амбасадорка и заменичка на амбасадорот во Исламабад, Пакистан. Претходно има работено на разни функции во Стејт Департментот и во амбасадите во Париз, Ханој, Њу Делхи и Будимпешта, како и во амбасадата во Скопје, задолжена за односи со јавноста.