Миноски: Економските мигранти треба да се третираат како последна, а не како прва опција

Екс-министерот за финансии предупредува дека имаме недостиг на работна сила и дека доколку овој тренд продолжи, под сериозен знак прашалник ќе се најде одржливоста на тековниот економски и социјален систем

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Алфа Тв

„Демографскиот колапс и губењето на речиси 30% од населението од 1990 година во својата суштина се резултат на погрешни економски, образовни и социјални политики, како и на неспроведување на неопходните структурни реформи. Доколку овој тренд продолжи, под сериозен знак прашалник ќе се најде одржливоста на тековниот економски и социјален систем“, тврди екс-министерот за финансии, Кирил Миноски.

Во својата анализа објавена на социјалните мрежи, Миноски истакнува дека иако претставниците на приватниот сектор често укажуваат на недостиг од работна сила, на ова прашање мора да му се пристапи врз основа на сериозни анализи, кои ќе дадат целосна слика за пазарот на труд: структурата на економијата, структурата на активното население и невработените, бројот на непополнети работни места, квалификациската структура и слично.

Екс-министерот оценува дека решенијата не смеат да се сведат на брзи и поедноставени одговори и дека потребен е системски пристап. Според него, дел од клучните решенија се:

-Зголемување на продуктивноста – Голем дел од компаниите сè уште не се фокусирани на технолошки решенија кои овозможуваат повисока продуктивност. Инвестициите во автоматизација, дигитализација и нови технологии не се избор, туку нужност ако сакаме одржлив раст со помал број работници.

– Активирање на невработените – Со официјална стапка на невработеност од околу 11,9%, една од највисоките во Европа, Македонија сè уште располага со значителен неискористен резервоар на работна сила. Овој потенцијал мора да се активира преку подобро усогласување на пазарот на труд, обуки и активни мерки за вработување.

– Вклучување на младите – Студентите и средношколците треба да добијат можност за повремена и флексибилна работа. Ова не само што ја зголемува понудата на работна сила, туку создава работни навики, искуство и порано поврзување со пазарот на труд.

– Активно стареење – Работоспособното старо население – пензионери кои можат и сакаат да работат – треба да биде дел од решението. Ова придонесува и за пазарот на труд и за долгорочната одржливост на пензискиот систем.

– Враќање на сопствената работна сила од странство – Пред да се зборува за увоз на работници, неопходно е да се создадат услови за враќање на нашите граѓани кои работат во странство – преку подобри плати, институционална сигурност и предвидлива економска средина.

– Економските мигранти – последна опција – Увозот на работна сила е сложено прашање кое носи сериозни социјални, етнички, религиски и економски импликации и треба да се третира како последна, а не како прва алтернатива.

Миноски е дециден дека недостигот на работна сила не се решава со импровизации.

-Без промена на моделот на раст, без зголемување на продуктивноста и без активирање на домашниот човечки потенцијал, овој проблем ќе се продлабочува – а последиците ќе ги чувствува целото општество. Реформите на пазарот на трудот, како и сите други реформи, бараат визија, знаење и посветена работа – само така може да се решат наталожените проблеми, стои во анализата на поранешниот министер за финансии.