Од 1. јануари поскапа струја во трите блок тарифи

-Кај едно домаќинство кое што има потрошувачка само во прв блок од 210 киловат/час, месечната сметка се зголемува за 57 денари, појасни првиот човек на РКЕ, Бислимоски

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Инфомакс

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука од 1-ви јануари 2026, цената на струјата во првиот блок да се зголеми за 2,45%. За вториот блок, РКЕ информира дека конечното зголемување е 2,87%, додека за третиот блок, зголемувањето на цената ќе биде за 3,32%.

За евтината тарифа на струја, РКЕ соопшти дека ќе се зголеми за 2,50%.

-63,86% од домаќинствата имаат потрошувачка само во првиот блок и во евтина тарифа. Тоа се 517.400 домаќинства. 20,97% или 169.900 домаќинства имаат потрошувачка во прв и втор блок, а 1,73% од домаќинствата имаат потрошувачка во трите блока, информира претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Како резултат на намалувањето на мрежарината, додава Бислимоски, ова се процентите за крајната цена на електричната енергија.

-Кај едно домаќинство кое што има потрошувачка само во прв блок од 210 киловат/час, месечната сметка се зголемува за 57 денари. За домаќинства со потрошувачка во прв блок и втор блок, сметката се зголемува за 70 денари, додаде првиот регулатор во државата.

За домаќинства кои имаат потрошувачка во прв, втор и трет блок, месечната сметка ќе се зголеми за 370 денари, а тоа се околу 14.000 домаќинства.