ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порача дека Македонија има најниско покачување на струјата во Европа. Ја обвинуваат СДСМ дека тврделе како струјата ќе поскапела за 5%.
„СДС тврдеше дека државата ќе има поскапување на струјата од цели 5%. Се потврди дека станува збор за уште една голема лага. Покачувањето е 2,28% и е најниско во Европа. Владата реши да ја субвенционира електричната енергија и со тоа директно да го заштити стандардот на граѓаните. СДС и Филипче треба да се извинат што го лажеа народот и граѓаните и споделуваа црни сценарија“, порачуваат од партијата на власт.
Од 1-ви јануари цената на струјата ќе биде повисока за 2,45 проценти во првиот блок, за 2,87 отсто во вториот блок, за 3,32 отсто во третиот и за 3,84 проценти во четвртиот блок, додека евтината тарифа ќе се покачи за 2,5 отсто.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски посочи дека поскапувањето за 85 отсто од домаќинствата ќе биде за 2,28 отсто или од 57 од 70 денари на просечната сметка.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава за медиуми во Собранието, посочи дека причината за зголемување на цената на струјата е катастрофалното менаџирање на енергетскиот систем во земјата од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ништо не е постигнато од проекциите и задачите кои што оваа влада си ги дала сама на себе. Треба да се произведат над 5.000 гигават часови струја, не се произведени ниту половина, како половина од хидроенергетскиот потенцијал изминатата година да не работел, ете толку струја недостасува во нашиот енергетски систем. Таа струја е замената со увозна скапа електрична енергија. Наместо да се произведува и наместо РЕК Битова, Осломеј Неготино да работат и да произведуваат струја, која што државата ќе ја чини 80-90 евра мегават час. Ние купуваме струја за 140 евра мегават часови“, рече Филипче.