Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) информира дека процентот на отчитување на броилата е зголемен на 95 отсто на тримесечно и 90 отсто на месечно ниво. По налог на РКЕ, Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје презеде сет мерки, меѓу кои и директна комуникација со околу 10.000 потрошувачи кои во изминатите две години имале поплаки за фактурите.
Во пресрет на зимата, на координативен состанок било договорено редовното отчитување да продолжи и во првите недели од јануари, при што ќе работат и вонредни екипи за време на празниците и викендите, со цел сметките да бидат со реална, а не проценета потрошувачка.
Од 1 декември се проширени и дигиталните услуги, вклучително и онлајн корекција на фактура, како и постоечките „Пријави состојба“ и „Е-фактура“, со јасна ознака дали потрошувачката е отчитана или проценета.
РКЕ и Електродистрибуција апелираат до граѓаните на одговорно користење на електричната енергија во зимскиот период.