ВМРО-ДПМНЕ попладнево соопшти дека „СДСМ се загубени во времето“ и ги обвинуваат дека„ наместо да бидат вистинска опозиција решија да бидат жолта штампа, со лаги и невистини, за кратки сензации“. Партијата наведува дека министерката за енергетика, Сања Божиновска не поседува бугарски пасош и потенцира дека тоа е лага од „кујната“ на СДСМ.
„Жално е како СДС се претвори во таблоид партија, каде редовен фолклор се црвени наслови по примерот на нивните белградски ментори. Очигледно нема дно кое СДС не може да го пробие, па само ја срамат некогаш големата партија. Дали Филипче има контрола и гледа што пишуваат, или сам дал дозвола да го носат кон дното не знаеме, ниту не интересира, но факт е дека не му мислат добро“, стои во партиското соопштение на најголемата владеачка партија.
Претходно од СДСМ ги обвинија своите политички ривали за ценовниот шок што го доживуваат граѓаните во Македонија.
„Ги слушаме претставниците на ВМРО Ванчовистичка во јавните настапи како зборуваат за внесување на Бугари во Устав. Дали сега за поскапувањето на струјата се виновни Бугарите? Или е виновен претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Заев Заев кој 5 години е во полтичка пензија? Дали е виновен некој друг од СДСМ? Секогаш некој друг е виновен за криминалот и корупција на ВМРО Ванчовистичка.
Сега излегле со најново ‘сензационално’ сознание: Бугарите се виновни што нема мазут. Виновни се и што поскапе струјата. Наскоро ќе бидат други виновни и што недостига една милијарда евра во буџетот“, реагираа од СДСМ околу новата цена на струјата.
„Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари. Луѓето, како и јас, побарале бугарски пасош од една и единствена причина, економски потреби за работа надвор од Македонија“. Ова го напиша министерката за енергетика Сања Божиновска во октомври 2024 година како одговор на тврдењата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова која тогаш изјави дека лично ги прегледала документите од апликацијата за стекнување бугарско државјанство на министерката за енергетика за да се увери дали таа навела оти има бугарска самосвест.
Божиновска во својата објава додаде дека изјавите за бугарска самосвест, кои се основа за да се побара и за да се добие државјанство на Бугарија, ги потпишувале адвокати посредници кои за тоа наплаќале пари.
Потоа таа тогаш потврди дека поседува само македонско и чешко државјанство и дека во моментот нема важечка бугарска патна исправа и документ за идентификација. Во соопштението испратено, исто така во октомври 2024 година, од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември 2023 година побарала отпуст од бугарското државјанство.