Македонија ја одби помошта од Бугарија за испорака на мазут

-Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна, велат од МНР

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: МНР

Македонија вчера официјално ја одби понудената помош од Бугарија за испорака на мазут.

„Утрово беше остварен телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев. Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна“, велат од МНР.

Според официјални извори, државата останува фокусирана на алтернативни и почисти извори на енергија, како и на мерки за зголемување на енергетската ефикасност.

Помошта што Бугарија ѝ ја понуди на земјава се случува откако Владата донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во рок од седум дена.

По наредба на премиерот во заминување во Бугарија, Росен Жељазков, министерот за енергетика во заминување Жечо Станков ги проверил залихите на мазут во земјата. Контролата утврдила дека Бугарија има доволни количини за покривање на домашните потреби.

Предлогот беше даден откако домашната Влада завчера прогласи кризна состојба на територија на Македонија поради тешкотии со набавката. Причината е блокадата на граничните премини со Република Грција од страна на грчките земјоделци, што го попречува увозот на енергенси и суровини.