Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќа ги објави дел од отстапките што ќе ги има проектот „Безбеден град“.
„Овие толеранции ќе бидат идентични со оние што веќе ги применуваат полициските радари. Ова значи толеранција од 6 километри на час за брзини до 100 км/ч, 8 километри на час за брзини над 100 км/ч и 12 километри на час за брзини над 200 км/ч“, рече Тошковски.
Министерот објасни дека горенаведените отстапки се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци, но не се однесува во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.
„Ако одредено возило е управувано со 57 км/ч, а е дозволено 50, камерата за мерење на брзината ќе констатира прекршок. Доколку возилото е управувано со 56 км/ч, електронскиот систем нема да го констатира како прекршок. Но она што е важно е дека доколку, еве јас управувам моторно возило со 53 км/ч на место каде што е дозволено 50, сообраќаен прекршок нема да биде евидентиран затоа што нема да ме фати радарот или камерата, но не дај боже, доколку сторам одредена материјална штета – повредам пешак или велосипедист, јас ќе одговорам соодветно согласно одредбите од Кривичниот законик“, порачал Тошковски во емисијата „Топ тема“.
Системот „Безбеден град“ ќе обработува и службени возила во случаи кога тие не работат во рамките на оправдани оперативни дејствија.
„Кога службените возила работат во рамките на нивниот оперативен ангажман, тие нема да бидат вклучени. Кога не работат, тие ќе бидат вклучени. Ова значи дека секое возило на Брза помош, противпожарна единица, МВР, Министерството за одбрана, додека извршува службени должности нема да биде дел од системот, доколку тоа е оправдано со целта на нивното дејствување во рамките на нивната службена должност. Но, доколку нивните службени дејствија не ја оправдуваат големата брзина, тие сигурно ќе бидат казнети. Системот ќе изрекува казна само ако станува збор за неправилно управување со моторно возило надвор од реалните потреби на институциите“, изјавил Тошковски.
Според него, доколку нема оправдана причина за пребрзо возење, казните ќе важат и за службените возила.
„Кога службено возило се користи во рамките на оперативни дејствија, тогаш тоа не може да се третира според строго почитување на сообраќајните правила во рамките на системот „Безбеден град“. Но, кога службено возило, на пример од Агенцијата за управување со запленети средства, како што имаше случај што кружеше во медиумите, го управува некого, тој мора да ги почитува сообраќајните правила, бидејќи неговото користење не е во согласност со посебните правила утврдени од МВР или од законската регулатива“, додал Тошковски.