Нацев бил вработен, а не реален сопственик на „Рубикон“ – рече неговиот адвокат на судењето за „Пулс“

Адвокатот на Нацев: Вработените во „Рубикон“ по пожарот дејствувале како пожарникари и полицајци, за што говори и бројот на спасени животи

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Одбраната на еден од осомничените за трагедијата во дискотеката „Пулс“, Александар Нацев, за кого Обвинителството тврди дека дејствувал како реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, денеска во воведните зборови порачаа дека нивниот клиент во ниту еден момент не дејствувал како реален сопственик и дека не ги повредил законските обврски. Според адвокатот, припадниците на обезбедувањето во агенцијата, вечерта на трагичниот настан не биле задолжени да вршат контрола над бројот на гости и не биле задолжени и ангажирани да вршат проверка на безбедосна опрема и сигурни услови, проверка на исправност на излези и влезови ниту имале обврска да достават план на обезбедување.

Според адвокатот на Нацев, останува нејасно кои прописи се повредени од неговиот клиент.

-Со ниту еден од доказите приложени кон обвинителниот акт, не се докажува постоење на било каков однос меѓу обвинетиот Александар Нацев и дискотеката или вработените припадници на обезбедување, па нејасно како се утврдува дека обвинитениот требало да изготви или да даде насоки да се изготват претходни планови за обезбедување, со цел заштита на имот и лица, кажа правниот застапник на Нацев, додавајќи дека од исказите на сведоците ќе се утврди дека припадниците на обезбедувањето ги следеле протоколите за постапување, а по настанување на пожарот, вработените во агенцијата, постапувале, ризикувајќи го својот живот, и како пожарникари и како припадници на Итна медицинска помош и како полициски службеници.

-За тоа говори бројот на спасени животи. Одбраната точно ќе ги разграничи различните видови на приватно обезбедување, корпус на обврски и задолженија на лица вработени во агенција, додаде адвокатот.

Според одбраната, доказите ќе покажат дека Нацев бил вработен, а не и реален сопственик на „Рубикон“ и дека обезбедувањето немало договорна надлежност ниту добивало инструкции да врши или вршело работи на приватно физичко обезбедување од страна на Нацев.

За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на т.н. кабаре, негови блиски, поранешни инспектори во повеќе институции, како и поранешни министри.

На почетокот на судењето на 19 ноември сите тие се изјаснија дека не чувствуваат вина за трагедијата, а нивните бранители во воведните говори ги дадоа општите рамки во кои ќе се движи нивната одбрана, отфрлајќи секаква одговорност на своите клиенти за пожарот.