„Девет месеци молчев и бев жртва на медиумски и јавен линч, спроведен преку различни квази-експерти и безбедносни аналфабети. Со неверување гледав како со неверојатна лесностија одново беше рушена пресумцијата на мојата невиност додека целиот тој период бев таргет и на разни неосновани политизирани клевети и навреди“, изјави денеска Александар Нацев, еден од обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“.
Тој на денешното судско рочиште во судницата во КПУ-Идризово истакна дека сите осомничени од Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ се исправени пред, како што вели, брутално силување на законот за приватно обезбедување, со цел одредени негови одредби да послужат како поткрепа на теоријата на случај која ја презентира подносителот на обвинението.
-Морам да констатирам дека дури и еден Џорџ Орвел би можел да позавиди на ваквата конструкција. Токму затоа во текот на судењето, ќе ги неутрализираме ваквите конструкции преку непобитни докази и околности кои јавно ќе укажат на отсуството на било каква вина кај мене или било каква т.н. каузална поврзаност со трагичниот настан, за време на чие случување јас воопшто и не бев присутен во државата, додаде Нацев во своето обраќање.
Обвинителството тврди дека Нацев бил „реален сопственик“ и фактички управувал со „Рубикон“ – давал директни инструкции на обезбедувачите во „Пулс“ и дозволил ризични практики: влез на малолетници по полноќ, внесување пиротехника, работа без безбедносна проценка и без план за обезбедување на настан со голема посетеност. Ден по ден, обвинителната хронологија покажува дека во критичната ноќ објектот бил преполн, а агенцијата немала ниту писмен договор со локалот. По трагедијата, Нацев основал нова фирма за обезбедување во Струмица – според обвинителите, обид да ја продолжи дејноста зад друго формално одговорно лице.