„ВМРО Ванчовистичка не може, или можеби не сака да сфати дека Зоран Заев не е политички активен веќе пет (со букви), нагласуваме 5 години (со бројка)“ – ова е одговорот од СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ кои тврдат дека постојат директни сведоштва кои укажуваат на голема инвестиција на поранешниот премиер Зоран Заев во Дубаи, каде, според нив, тој гради висококатница од над 40 ката.
На партијата во опозиција ѝ е нејасно зошто нивните политички ривали поставуваат прашања до нив поврзани со Заев.
„Затоа не разбираме, или премногу добро разбираме (дефокус), зошто упорно ѝ се обраќаат на СДСМ со прашања за слободен граѓанин на Македонија – Зоран Заев. За неколку дена влегуваме во 2026 година. Ако на ѕидот сè уште ви стои стар календар од 2016 година, време е да го смените.
Еве, наскоро ќе биде 15 јануари – ќе поминат точно 10 години откако вашиот тогашен, а и сегашен претседател Никола Груевски не е премиер.
Единствено што можете да нè прашате е: Колку документи за вашите криминални дејствија има АКТ и на колку години затвор се однесуваат тие документи. Вам останува само да одговарате – и тоа пред судот и пред народот“, стои во партискиот став од таборот на Венко Филипче.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сведок на оваа инвестиција е Томе Аврамски, познаник и поранешен соработник на Заев, кој јавно изјавил дека лично бил во Дубаи и ја видел изградбата на зградата. Партијата соопшти дека го пријавува случајот до антикорупцискиот тим на СДСМ и бара тој да биде процесуиран и истражен, со цел јавноста да добие одговори за наводите поврзани со инвестициите во Дубаи и изворот на средствата.
ВМРО-ДПМНЕ: АКТ на СДСМ да го истражи Заев и 40-катницата во Дубаи