Државата во изминатиот период не изгради ниту една сопствена гасна централа. И покрај тоа што неодамна Владата најави изградба на гасни централи во Македонија, со цел државата да стане енергетски независна и во иднина да извезува електрична енергија, сепак енергетските експерти велат дека сме далеку од тоа.
Тие предупредуваат дека вистинската енергетска независност може да се постигне само доколку овие централи бидат изградени и управувани од државата, а не од странски инвеститори кој би управувал и со гасната мрежа.
-Воглавно, проблемот се сведува на неинвестирање во нови централи од обновливи извори, но и репликација на евтина половна гасна централа и нејзино поврзување со ТЕЦ Неготино, која стои како бескорисен споменик. За само 18 месеци и помалку од 100 милиони евра би добиле капацитет од 540 мегавати, што речиси целосно би го заменил РЕК Битола и би ја спасил државата од енергетска глад, изјави за „Локално“, универзитетскиот професор Дејан Трајковски.

ДејанТрајковски; Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв
Иако енергетичарите со години апелираат државата да гради енергетски капацитети, наместо скапи и загубарски проекти како што се автопатиштата на „Бехтел и Енка“ и брзата пруга, властите го правеа токму спротивното и ја доведоа државата во енергетски ќорсокак.
-Да се надеваме дека во заден час ќе се откажат од брза пруга по течението на Вардар и нема да го упропастат проектот Вардарска Долина со 12 хидроцентрали, што би била катастрофална грешка. За жал, засега не гледаме наговестување на позитивни промени, туку напротив, државната енергетика за кратко време ќе биде доведена до колапс, од што единствена корист ќе имаат приватните производители, увозниците и трговците со електрична енергија, вели Трајковски
Поради непромислените и стратешки штетни одлуки на властите, гаѓаните ќе мораат да плаќаат до 50 отсто поскапа електрична енергија директно или индиректно – преку буџетот и нови задолжувања.
Б.С.