Капитални инвестиции од само 62% на истекот од годинава!

Потрошени само 439 милиони евра од планираните 768,6 милиони евра за капитални инвестиции во оваа година. Според последните достапни податоци од Министерството за финансии, заклучно со 24 ноември, на само шест дена до завршување на оваа економска година, реализацијата на јавните инвестиции изнесува 61,42%.

од Vladimir Zorba
23 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ ТВ M-Net HD

Потрошени само 439 милиони евра од планираните 768,6 милиони евра за капитални инвестиции во оваа година. Според последните достапни податоци од Министерството за финансии, заклучно со 24 ноември, на само шест дена до завршување на оваа економска година, реализацијата на јавните инвестиции изнесува 61,42%.

Капиталните расходи за годинава кои беа најавени како „столб“ за економскиот раст, со ребалансот на Буџетот, од 765,5 милиони евра се зголемија на 768,6 милиони евра, што е историски највисоко ниво на проектирани инвестиции.

„Јавните инвестиции можат да бидат мотор на раст само кога се квалитетно подготвени, навремено реализирани и насочени кон проекти со висок поврат — патишта, енергетика, дигитална инфраструктура, железница. Во спротивно остануваме со амбиција на хартија и слаб учинок на терен“ – изјави економистот Синиша Наумоски за „Локално“.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/МРТ

Неодамна со Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници, од дел на институциите со слаба реализација на капиталните расходи беа повлечени неискористените средства. Оваа „операција“ го опфати и повлекувањето на 35 милиони евра, пари од Унгарскиот кредит кои беа наменети а не се искористиле за проекти на локално ниво.

Позначајно намалување и прераспределување на буџетските пари имаше во Министерството за одбрана во делот на капитални расходи за „модернизација во МО“, во Министерството за внатрешни работи за „реконструкција и опремување на згради“ а позначајни намалувања имаше во Министерствотo за транспорт и врски, освен парите за општините, се прераспределија и парите за инвестиции во желеничката инфраструктура и за проект за водоснабдување и одведување на отпадни води.

Според новиот Буџет, во економската 2026-та капиталните расходи се проектирани на ниво од 640 милиони евра. Креаторите на економската политика оценија дека нивото на јавни инвестиции е пониско во однос на годинава, но затоа било реално, со опфат на конкретни и остварливи проекти.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

Следната година се најавува почеток на нови патни и железнички инфраструктурни проекти а според буџетскиот документ автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“ ќе бидат еден од главбите столбови за проектираниот економски раст од 3,8 % во 2026-та година.

Инаку, на официјалната веб-страна на Министерството за финансии, последниот Извештај за реализација на капиталните расходи со опфат на сие ресори, на државните институции, на агенциите, на инспекторатите, се однесува на месец јуни иако досегшната пракса беше навремено објавување на овие податоци на месечно ниво.

Д.А.