Алијанса на Села за блокадата на „Пластичарска“: Не може граѓаните да живеат без струја во најстудените денови

Веќе петти ден по ред жителите на скопската населба Серава протестираат со блокирање на „Пластичарска“

од Nikola Popovski
55 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Едното од трите крила на Алијансата на Албанците, предводено од Зијадин Села, остро реагираше на, како што велат, честите и продолжени прекини на електричната енергија во неколку региони во земјата, опишувајќи ги како енергетски скандал и сериозен неуспех на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.

Според партијата, во екот на зимата, кога температурите паѓаат под нулата, а семејствата се борат да обезбедат греење и минимални услови за живот, цели региони во Куманово, Скопје, Тетово и Гостивар се соочуваат со постојан недостаток на електрична енергија. Според АА, прекините повеќе не се изолирани случаи, туку траат со часови, па дури и денови, парализирајќи го секојдневниот живот на граѓаните.

„Ова повеќе не е обичен технички дефект, туку систематски неуспех на компанија која има законска обврска да обезбеди непречено снабдување со електрична енергија“, се наведува во ставот на таборот на Села.

Според едното крило на АА, последиците се тешки и повеќекратни. Се нагласува дека е неприфатливо, и покрај инсталирањето на броила според сопствените стандарди на ЕВН Хоум, граѓаните сè уште се соочуваат со чести прекини и бесконечни дефекти.

АА потсетува дека ЕВН има законска обврска да обезбеди континуирано и непречено снабдување со електрична енергија, додека секој продолжен прекин претставува прекршување на оваа обврска.

„Во 2025 година, во срцето на Европа, не може да се прифати граѓаните да живеат без електрична енергија во најстудените денови од годината. ЕВН Хоум мора да обезбеди конкретни одговори и итни решенија, а не изговори“, оценуваат од крилото на Села.

Веќе петти ден по ред жителите на скопската населба Серава протестираат со блокирање на булеварот „Никола Карев“, односно улицата „Пластичарска“. Граѓаните велат дека се оставени без струја по големиот дефект кој се случил во неделата, а кој ЕВН одбива да го санира.

Од ЕВН велат дека дефектот не се знае кога ќе се санира.

„Подолг период жителите на улиците „Исмаил Кадаре“ и „Кумбара“ го попречуваат проектот за реконструкција на мрежата и преместување на мерачите. Кон екипите на компанијата постојано се упатуваат вербални закани, што целосно го оневозможува функционирањето.“, велат од ЕВН Хоум.

Од ЕВН додаваат дека додека екипите немаат пристап за реализација на проектот за реконструкција на нисконапонската мрежа, ќе биде невозможно да се санираат дефектите, кои според нив ќе продолжат да се појавуваат како последица на пренатрупаност од илегални приклучоци. Според ЕВН во овој регион, загубите надминуваат 70%, додека наплатата е 60% од потрошувачката на струја.

Слични содржини